• петок, 22 ноември 2024

Мицотакис: Мнозинството од грчкото општество има доверба во вакцините

Мицотакис: Мнозинството од грчкото општество има доверба во вакцините
Атина, 31 март 2021 (МИА) – Грците одат да се вакцинираат, големо мнозинство од грчкото општество има доверба во вакцините, рече премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис за време на средбата со претседателката Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис и Сакеларопулу коментираа дека процесот на имунизација е позитивната и охрабрувачка вест за земјата, а грчкиот премиер истакна дека од април, кога на располагање ќе имаат повеќе вакцини, побрзо ќе може да се изгради ѕидот на имунитет. Паралелно се осврнаа и на ситуацијата со пандемијата, Мицотакис рече дека националниот здравствен систем и покрај притисокот издржува, а охрабрувачки, според него е фактот што во изминатите денови има баланс меѓу примените и отпуштените пациенти во болниците во Атика. Во однос на рестриктивните мерки и можноста за нивно олабавување објасни дека ги чекаат препораките од Комисијата на епидемиолози за потоа да донесат одлуки. -Денеска ги очекуваме препораките на Комисијата, кои ќе ги земат предвид, од една страна, епидемиолошките податоци, кои не се многу охрабрувачки, а од друга страна фактот дека има насобран замор кај луѓето и дека мерките во суштина и не се почитуваат целосно, нешто што се случува во сите европски земји, рече Мицотакис. -И јас целосно ги разбирам заморот и агонијата на нашите сограѓани. Гледам дека и експертите и Владата бараат начини за излез од оваа задушувачка средина. За жал, не постојат лесни решенија и рецепти, рече Сакеларопулу и истакна дека патот кон нормалноста нема да биде едноставен или лесен. Грчката претседателка потенцираше дека е особено важно децата и младите да се вратат во училиштата и на факултетите, „што се нивната природна средина“, на што Мицотакис одговори дека со набавката на т.н. self-tests, кои ќе бидат за домашна употреба, ќе имаат дополнително оружје за безбедно враќање во училишните клупи. ср/сд/

Остани поврзан