• петок, 22 ноември 2024

Мицотакис и Петков свечено го отворија гасоводот ИГБ што ги побрзува Грција и Бугарија

Мицотакис и Петков свечено го отворија гасоводот ИГБ што ги побрзува Грција и Бугарија
Атина, 8 јули 2022 (МИА) – Симболично, со вртење на славината за проток на природен гас, премиерите на Грција и Бугарија, Кирјакос Мицотакис и Кирил Петков, во грчкиот град Комотини го отворија гасоводот ИГБ што ги поврзува двете земји, јави дописничката на МИА од Атина. Двајцата премиери на свечената манифестација се осврнаа на важноста на конкретниот гасовод, Мицотакис рече дека e „одлучувачки енергетски мост кој го поврзува географскиот југ со северот, зближувајќи ги во првата фаза Грција и Бугарија“, а Петков истакна дека „денешниот ден ќе остане во историјата и запаметен како симбол за стремеж за политичка, економска и енергетска независност“. Грчкиот премиер истакна дека по руската инвазија во Украина е понеопходно од било кога да постои координирана активност на земјите од Европа пред „свесниот избор на Москва да ги претвори природните ресурси во алатка за вршење политички притисок“, а одговорот е енергијата да се искористи како „средство за взаемна помош, взаемна поддршка и заеднички напредок“, потенцирајќи дека Грција има водечка улога во овие напори. Потсети дека темелите на проектот беа поставени во 2009 година кога беше потпишан меморандумот за соработка и објасни дека конкретниот гасоводот ќе се поврзе со ТАП. -Заедно со останатите енергетски инфраструктури што се планирани и започнати, заедно со интерконекторите со Северна Македонија, со Италија, ќе биде сигурна дистрибутивна мрежа за природен гас до пазарите пред сè на Балканот, а и на самата Европа, во исто време ќе ги диверзифицира своите извори на снабдување. На овој начин се зајакнуваат енергетската безбедност, логистичката безбедност на сите поврзани земји, рече Мицотакис. Порача дека ИГБ е енергетски гасовод, но во исто време е и „гасовод на вредности што ќе ја пренесе пораката за националната безбедност, балканската солидарност, транснационалната соработка и благосостојбата на народите“. Мицотакис се осврна и на терминалот за природен течен гас ЛНГ во Александруполи, велејќи дека Грција ќе биде порта за влез на енергија за целиот европски континент. Премиерот на Бугарија му се заблагодари на неговиот грчки колега за целосната политичка поддршка и нивната соработка, рече дека почнува ново поврзување и ново геополитичко пријателство, а гасоводот ќе ја смени мапата на регионот. -Природниот гас тргнувајќи од овој гасовод ќе ја зајакне соработката, ќе добиваме азербејџански гас во следните седмици и ова ќе значи крај за рускиот монопол и така, ќе имаме пристап до различни извори на енергија, рече Петков. Обраќајќи му се на Мицотакис додаде дека за да се постигне нешто, потребен е посветен лидер, посветен пријател кој ги дели истите цели, а токму тоа е она што се случило во изминатите шест месеци. По свеченото отворање, двајцата премиери остварија и билатерална средба. Гасоводот ИГБ во должина од 182 километри го поврзува националниот систем за пренос на природен гас на Грција, во регионот на Комотини, со соодветната мрежа во Бугарија во регионот Стара Загора, во првата фаза има капацитет годишно да пренесе три милијарди кубни метри природен гас, што може во иднина да се зголеми на пет милијарди кубни метри годишно, а се очекува наесен, најдоцна до 1 октомври 2022 година да почне да функционира на трговско ниво. ср/ Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан