• среда, 25 декември 2024

Мицкоски: Ќе предложам активна блокада на Собранието

Мицкоски: Ќе предложам активна блокада на Собранието
Скопје, 3 мај 2022 (МИА) – Суштината е како да излеземе од сегашната состојба и да ни биде на сите подобро и ценам дека како политичари треба да се фокусираме на тоа, порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Затоа, посочи, не разбирам што се смени во овие 100 дена откако прво премиерот Димитар Ковачевски се фалеше дека закажал некаква средба со мене, а сега бега од неа заради моето барање за лидерска средба и за одредување датум за предвремени парламентарни избори. - Владата не е решението за оваа национална катастрофа, таа е проблемот. Очекував барем малку да има одговорност во СДСМ и во услови на криза како политичари да генерираме единство. Ние утре ќе имаме седница на Извршен комитет и ќе предложам како прв чекор после 10 мај да има некаква активна блокада на македонското Собрание. Тоа ќе биде активна блокада на се, со исклучок на оние закони кои значат повисоки плати или некаква помош за граѓаните, рече Мицкоски во интервју за ТВ Сител. Нагласи дека ќе и предложи на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се останато да биде блокирано во Собранието преку филибастеринг односно преку амандмани или преку активно говорење и на комисиските и на парламентарните седници. -Најсреќни би биле инсталациите на СДСМ и Спасовски кои провоцираат дебата дека сите се исти да го напуштиме Парламентот и да го блокираме. Тогаш би поминало буквално се и никој не би почувствувал дека нешто не е во ред во Македонија, а дефинитивно не е во ред ниту на полето на економијата, ниту во здравството, нити во образованието, посочи Мицкоски. Нагласи дека не се сите исти и додаде дека мора да бидат „внимателни, мудри и трпеливи и секој чекор што го прават да биде многу сериозно осмислен и да бидат антиципирани ризиците со недели однапред“. -Се плашам дека доколку и овој пат избрзаме Македонија ќе ја има се помалку, а тоа повторно ќе биде на грбот на македонскиот народ. Затоа многу внимателно го предвидувам и анализирам секој чекор пред да излезам пред колегите од Извршниот комитет на партијата и да отвориме дебата за секоја наредна политика, рече Мицкоски. Знам, додаде, дека многумина се нетрпеливи и не можат да го поднесат тоа што се случува денеска и затоа молам за трпение. -Ќе си дојде се, а потоа сите заедно ќе го вратиме сето она што е изгубено во овие пет години како резултат на политиките на Владата предводена од СДСМ. Не сакам инсталациите на СДСМ и Спасовски да го контаминираат чистиот пркос на народот со нивните себични намери да ги сочуваат нивните фотелји и привилегии, рече Мицкоски. Ги повика останатите политички партии кои не се задоволни од тоа што се случува во земјава и имаат неисполнети ветувања и неостварени очекувања, вклучително и помалите партии кои се во Владата да застанат зад, како што рече, општествениот пркос против Владата и да излезат надвор бидејќи е очигледно оти немаат намера да го исполнат нивното основно барање поради кое се во власта. -Побарав општествена поддршка која подразбира и партиска, но и непартиска поддршка зашто од нашите активности на терен ја слушаме потребата на граѓаните за промени. Дефинитивно, граѓаните од нас очекуваат да промениме на подобро, потенцира Мицкоски и додаде дека на земјава и се потребни предвремени парламентарни избори за да се променат работите на подобро.вј/лв/

Остани поврзан