• среда, 18 февруари 2026

Мицкоски: Системска борба против сивата економија

Мицкоски: Системска борба против сивата економија

Скопје, 18 февруари 2026 (МИА) -  Нашата политика е јасна - стабилни јавни финансии и заштитен животен стандард. Ќе продолжиме со дисциплина во приходите, со одговорност во трошењето и со чувствителност кон реалните потреби на граѓаните, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќање на  годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“.

Борбата против сивата економија, посочи премиерот,  не е кампања, таа е процес, контролата на цената не е популизам, таа е заштита на граѓаните.

- Ќе бидеме и цврсти и праведни. И кон оние што избегнуваат обрски и кон оние што се обидуваат да профитраат од кризите затоа што нашата обврска е јасна - економија со ред, пазар со правила, држава со достоинство, рече Мицкоски.

Тој укажа дека сивата економија е изгубен приход за државата изгубена можност за повисоки плати, подобри болници, модерни училишта, посигурни пензии... - Таа создава нелојална конкуренција, ја руши довербата во институциите и го демотивира секој кој работи чесно. Нашата цел е јасна - формалата економија да стане попривлечна од неформалната, да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално, рече Мицкоски, истакнувајќи дека борбата против сивата економија не може да биде само инспекциска, туку системска. 

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска истакна дека со ревидираниот Акциски план за 2026-2027 ќе се постави јасна и мерлива цел за намалување на неформалната економија од 28,9 проценти на 26 проценти од БДП до крајот на 2027 година.

- Во нејзиното остварување, особено е значајно активно вклучување на сите релевантни институции во имплементацијата на Стратегијата и мерките од неа.  Јасна порака за соработка и активно вклучување во имплементацијата испраќаме и преку денешното потпишување на Декларацијата за партнерство и акција, со која изразуваме заедничка посветеност за формализација на неформалната економија. Таа претставува заначен чекор кон системско и координирано справување со неформалната економија и ја покажуваме заедничката посветеност на институциите, бизнис заедницата, синдикалните организации и академската заедница, рече Димитриеска Кочоска.ар/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан