• понеделник, 25 ноември 2024

Мицкоски се обрати на свечена академија по повод Светскиот ден на Ромите - 8 Април

Мицкоски се обрати на свечена академија по повод Светскиот ден на Ромите - 8 Април

7 април 2023

Почитуван претседател на партијата Демократски сили на Ромите, д-р Шабан Салиу,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор,

Почитувани градоначалници,

Почитувани претставници и претседатели на политичките партии,

Драги гости,

Почитувани сограѓани, Роми од Македонија,

Дозволете ми веднаш во мое лично име и во името на ВМРО-ДПМНЕ да ви го честитам 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, денот кога ја чествуваме ромската култура, но и денот кога отворено говориме за проблемите со кои се соочуваат Ромите.Лично сметам дека ова не смее да биде сведено само на еден ден во годината, туку треба да постои континуирано залагање од страна на сите чинители во нашата држава, овие теми да се отвораат и дискутираат во текот на целата година, затоа што Ромите се дел од македонската нација, тие се неотуѓив дел од македонското општество и нивните проблеми се проблеми за секој еден од нас.

Ромите со векови живеат во Македонија и со векови ги споделуваат радостите, но и тешките моменти заедно со Македонците и со сите останати. Нашето мултикултурно општество би било посиромашно без ромскиот јазик, без ромскиот фолклор, без ромската песна. Тие се дел и од нашата заедничка култура и ќе останат нераскинлив дел додека векот векува.

За мене секој граѓанин на Македонија е ист, за мене секој човек е роден ист, само што треба да има исти предуслови да ги развие и покаже своите капацитети. Верувам во овие мои зборови и затоа со години наназад повикувам да изградиме друштво во кое ќе му дадеме на секој поединец услови да се развива и да придонесува кон градењето на неговата и заедничката иднина.

Македонија е земја на соживот, на традиција, на взаемно разбирање, земја на взаемна почит, но се помалку е земја која дава надеж за подобра иднина. Ова го говорам со горчина во душата затоа што гледам како за жал нѐ има се помалку во татковината. Гледам како Ромите, Македонците, Албанците, Србите, Турците, Бошњаците, и останатите се повеќе и почесто си заминуваат од родната грутка за да бараат подобар живот во туѓина. Живееме години на егзодус и безнадежност.

Образованието ни е срозено. Здравството ни е колабирано. Економијата тоне со секој ден се повеќе. Тоа е резултатот на корумпираната елита на власт која се богати, која овозможува благодети само на мал слој околу нив, а сите останати ги втурнува во сиромаштија и очај. Го губиме народот како вода низ дланка, затоа што не им даваме можност за достоинствен живот, затоа што не им даваме можност за достоинствена работа и достоинствен стандард. Го губиме народот затоа што гледаме неправда на секој чекор, гледаме организиран криминал кој ја пљачкосува земјата, гледаме нефункционалност на институциите, гледаме  уништен систем на вредности во кој не се вреднува човекот за жал, туку блискоста до власта и понизноста.

Тоа мора да престане. Тоа мора да заврши. Немаме веќе време за губење. Немаме веќе генерации за губење. Немаме веќе луѓе за губење. Секој во Македонија треба да се вложи во издигање на нашата татковина од пепелта во која власта на Ковачевски и Груби ја донесоа. Зборуваат дека се обединиле рамо до рамо, а јас ќе искористам една српска изрека и ќе речам се обединиле „све мој до мојега“  и го водат народот до поголема беда. Поради нивните погрешни политики Македонија стана најсиромашната земја во Европа и регионот, земја со најмал економски раст, со индустриско производство кое паѓа. Поради нивните политики инвестициите не избегнуваат во широк лак. Времето си го трошат како да наместат тендер, како да обезбедат имот за џабе, како да стават уште некој милион во своите џебови. Затоа се држат до своите фотелји и епски бегаат од избори. Знаат дека ќе изгубат. Мислат дека со продавање на националните и државните интереси ќе ја продолжат власта, но само ја продолжуваат агонијата и на крајот ќе завршат катастрофално.

Ние заедно со народот, заедно со секој од вас имаме коалиција и таа коалиција ќе се преточи во убедлива победа да избори. Но тука не завршуваме. Нашиот пат со народот ќе продолжи и понатаму, затоа што имаме обврска како генерација да изградиме подобра иднина за нас и за сите наши деца. Таа битка ќе ја водиме и во таа битка ќе извојуваме победа. Ќе изградиме Македонија која ќе биде достоинствена, почитувана, побогата и попросперитетна. Македонија која ќе нуди подобар живот и стандард за секого без разлика на неговата етничка, верска или политичка припадност.

Ова е Македонија за која сонуваме и работиме. Ова е Македонија на која Ромите заедно со Македонците и сите останати ќе бидат горди.

Да сте ми живи и здрави. Нека е честит денот.

Нека е вечна нашата заедничка татковина Македонија!

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ 

 

Остани поврзан