• недела, 22 декември 2024

Мицкоски од состанокот на највисоките партиски тела вечерва очекува одлука за учество во техничката влада

Мицкоски од состанокот на највисоките партиски тела вечерва очекува одлука за учество во техничката влада

Скопје, 11 јануари 2024 (МИА) - Од вечерашниот состанок на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, очекува да се донесе одлука дека партијата ќе биде дел од техничката влада и најави дека на истиот ќе даде предлог и опција за пролонгирање на рокот за промена на личните документи.

- Очекувам најпрво да се донесе одлука дека ВМРО – ДПМНЕ ќе биде дел од техничката влада, бидејќи прво треба да донесеме одлука на највисоките органи на партијата дали ќе бидеме дел од техничката влада или нема да бидеме. Мојот став е дека ВМРО – ДПМНЕ треба да биде дел од техничката влада и треба да предложи кадровски решенија, нагласи Мицкоски.

Тој не очекува на денешниот состанок да се одлучува за кадровските решенија.

-Имаме уште две недели од денеска па натаму ќе ја анализираме состојбата ниту едно име не е исклучено, ќе видиме период што следи, ќе имаме внатрешни консултации, ќе донесеме одлука кои се тие луѓе кои ќе се грижат за процесот, кој што следи, а тоа е огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ на следните претседателски и парламентарни избори. Тоа е основната задача на техничките министри, кои ќе бидат и заменици предложени од ВМРО-ДПМНЕ, да ја заштитат волјата на народот и победата за народот да добие влада каква што заслужува, рече Мицкоски.

За проблемот со вадењето на лични документи Мицкоски нагласи дека ќе побара поддршка од Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за поднесување претставка пред Уставниот суд за ставање на времена мерка на Законот од 2021 година за патните исправи и пасошите.

 - Имаме две опции, едната опција е во Парламентот да се донесе закон со кој рокот ќе се продолжи и тоа е една од опциите. И втората опција на што работи ВМРО-ДПМНЕ и за што денеска ќе побарам поддршка од Извршниот и Централниот комитет е да се поднесе претставка пред Уставниот суд како суд кој се грижи за Уставот, кој е над сите закони да се стави времена мерка на Законот од 2021 година да биде вон сила се до следно одлучување дали е тој уставен или не, а се однесува на патните исправи или пасошите, истакна тој и додаде дека Уставниот суд може уште во текот на следната недела да постапува и да ја донесе таа времена мерка.

Мицкоски изјави дека личните карти и по 12 февруари се важечки и валидни во внатрешниот промет.

 - Апелирам до граѓаните, оние кои имаат важечка лична карта, да бидат спокојни бидејќи таа и по 12 февруари останува во правниот промет во Македонија. Пензионерите ќе може да си ги подигнуваат своите пензии, вработените своите плати, студентите своите стипендии, кредити итн. Да не подлегнуваат на обидите на власта за манипулација, а потоа да се сврти вниманието кон техничката влада односно кон техничкиот министер, кој ќе дојде од ВМРО-ДПМНЕ, вели тој.

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека после празниците ќе одржи средба со Христијан Мицкоски, за која Мицкоски вели дека нема ниту најава, ниту каква било друга информација за таа средба. сан/ац/

Фото: ВМРО - ДПМНЕ

 

Остани поврзан