• петок, 22 ноември 2024

Мицкоски на средба со дијаспората во Њујорк: Да се зајакне соработката во градење на иднината на Македонија

Мицкоски на средба со дијаспората во Њујорк: Да се зајакне соработката во градење на иднината на Македонија

Скопје, 13 јули 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски, оствари средби со македонската дијаспора во Њујорк, САД, каде што присуствуваше на вечерната богослужба во чест на светите Петар и Павле во црквата Св. Кирил и Методиј во Њујорк, како и на собирот организиран од Македонците во САД.

Како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски пред присутните посочил дека основните постулати од кои поаѓа новата Влада на надворешен план се забрзан напредок во евроинтеграцискиот процес, унапредување на односите со соседните држави и регионалната соработка, пораст на кредибилитетот на државата како членка на НАТО, засилување на стратешкото партнерство со САД и другите западни демократии, како и поцврст ангажман во насока на привлекување на странски инвестиции.

-На внатрешен план посветено ќе работиме за да ги обезбедиме сите потребни услови за остварување на побрз економски развој, ќе даваме силна поддршка на домашната индустрија и земјоделието, ќе ја зголемуваме енергетската независност, ќе водиме засилена борба против корупцијата и криминалот, ќе ја реформираме администрацијата, ќе се залагаме за поголема независност и ефикасност на правосудниот систем. Истовремено ќе градиме стабилен здравствен систем, поквалитетно образование и ќе го зголемуваме ученичкиот и студентски стандард. Ќе обезбедиме поголема поддршка и вложувања во науката, научните истражувања и иновациите, важно е да се зголеми степенот на заштита на животната средина, да се зацврсти пензискиот фонд и спокојот за пензионерите и поголемо внимание да се обрне кон задоволување на мноштвото од потребите на младите, истакнал Мицкоски.

Тој посочил дека Македонија сака да ја направи модерна држава, во која ќе градиме заедничка и просперитетна иднина.

-Би сакал да ви се заблагодарам на сите вас овде присутни, но и на оние припадници на дијаспората ширум светските меридијани, за се што сторивте досега, постојано и достојно претставувајќи ја македонската историја, култура, јазик и обичаи. Немаме било каков сомнеж во вашата подготвеност дека и во иднина ќе продолжите да ни помагате, нам на вашите најблиски и на вашите роднини и пријатели дома, истакнал Мицкоски.

Тој додал дека во насока на надминување на актуелните и идните потешкотии и остварување на амбициозно поставените државни цели, ќе биде неопходно да се зголеми меѓусебната соработка со дијаспората.

Мицкоски ги повика членовите на дијаспората заеднички и посилно да работат на унапредување на комуникацијата, дијалогот и заедничките активности.

-Помагајќи си едни на други и дејствувајќи сплотено ќе можеме многу побрзо и поефикасно да ја оствариме заедничката визија и да ја направиме Македонија посакувано и многу подобро место за живеење. Вие сте нашата жива и постојана врска со светот, вие сте нашите најдобри амбасадори кои силно ни помагаат во промоцијата на нацијата, јазикот, културата, уметноста, образованието и сите други области кои не ги спомнавме, но сепак се дел од вашата секојдневна помисла и агенда на дејствување, посочил Мицкоски. нд/

Фото: Влада

Остани поврзан