• петок, 22 ноември 2024

Мицкоски: Народот доаѓа по своето, да ги отпочне големите промени

Мицкоски: Народот доаѓа по своето, да ги отпочне големите промени

Скопје, 4 април 2024 (МИА) - Народот доаѓа по своето. Доаѓа по тоа што му е одземено. Доаѓа по Македонија. Да си ја врати во свои раце и да ги отпочне големите промени на свеста, на начинот на живот, на вредностите, со кои ќе им покажеме на сите дека можеме, дека знаеме, дека си ја сакаме Македонија, дека не ја даваме, и дека ние сите заедно, сме силата на Македонија, порача вечерва од првиот митинг за двојните избори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. 

Пред насобраните членови и симпатизери на партијата и коалицијата што ја предводи, Мицкоски посочи дека после сите перипетии што ги поминала ВМРО-ДПМНЕ и државата, тие доаѓаат посилни од кога било, обединети и сложни со јасна заедничка цел да ја вратат Македонија во рацете на народот и да ја одземат од, како што кажа, „рацете на стотина функционери од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ“. 

-Проблемот на Ковачевски, е што државата му ја подари на Али Ахмети и тоа на тацна. 20 години нема ниту еден човек кој од ДУИ одговарал. А, денес државата е во нивни раце, а нивните измеќари од СДСМ се спремни да ја платат секоја цена само да ја задржат фотелјата, и не прашуваат колку чини таквата распродажба на Македонија, рече Мицкоски.

Обвини дека актуелната власт ја руинирала државата, дека нема систем, дека Македонците се граѓани од втор ред, и не само тие, туку и други граѓани, дека банди се пукаат по улици, дека дрогата царува, а криминалот цвета... 

-Правеа заговори, сакаа да не нема, сакаа да прават малцински влади, правеа тајни средби за кои мислеа дека нема да дознаеме, коваа планови како да не надитрат и затоа што не можат да не победат, пробуваа што било само за да можат да останат што подолго на власт, рече Мицкоски. 

Според него, победникот на овие избори е ВМРО-ДПМНЕ, а вистинската сила за промени е токму оваа политичка структура со коалицијата „Твоја Македонија“.

-Влада ќе прави ВМРО-ДПМНЕ и никогаш нема да ја изиграме волјата на народот. Доаѓа победа голема како планина. Македонија браќа и сестри да ја направиме повторно горда, рече лидерот на партијата.

Зборувајќи за актуелниот претседател и кандидат за втор мандат со поддршка од СДСМ Стево Пендаровски, Мицкоски рече дека тој цел мандат го поминал како аналитичар без свое јас, и оти на изборите ќе загуби катастрофално. Упати прашање до Димитар Ковачевски, Али Ахмети и Стево Пендаровски дали доколку разликата во првиот круг помеѓу идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова и поразениот Стево Пендаровски биде со шест цифри, ќе излезат и докрај ќе се борат за целосно да изгубат во вториот круг на претседателските избори или, како што кажа, кукавички ќе бојкотираат. 

-Зошто ова го прашувам? Затоа што видовме дека изминативе години се спремни и подготвени на секакви сценарија кога знаат дека ќе загубат, рече Мицкоски.

За францускиот предлог, рече дека, го преставиле како голем успех, а всушност „е јамката околу вратот на Македонија“.

-Самите ја отворија дебатата околу потеклото на нашите дедовци и прадедовци, додека ги губиме нашите деца кои за жал поради овие политики на владата на СДСМ и ДУИ заминуваат од нашата Македонија. Удираат по темелите, а Бугарија ја користи слабоста на македонската влада. Создадоа раздори и кавги. И овозможија на Бугарија, Македонија и историското ВМРО да го гледаат како дел од нивната историја, а тоа е главниот елемент од нашата македонска историја, што самото по себе покажува дека имаме различна историја, рече Мицкоски. 

Кажуваат, вели тој, дека имаат план за ЕУ ама не го кажуваат кој е, и како ако до сега не обезбедиле две третини за смена на Уставот ќе обезбедат кога ќе бидат 30 пратеници во Парламентот. 

-Планот нивен за ЕУ е да ги ставиме Бугарите во Уставот па после што биде нека биде. Тоа не е план за ЕУ, тоа е продолжување на нестратешкото работење по принципот купи ден продај. Ќе ставиме крај на откажувањата и поразите, рече тој. 

За професорката Гордана Силјановска Давкова рече дека е решението за претседател, жена со принципи која непоколебливо верува во правдата, во вредностите и во Македонија, која има свој став, кој може да му се допаѓа некому или не, но таа до крај се бори за него, затоа што верува во него.

-Гордана Силјановска Давкова покажа лојалност кон своите принципи и е еден од најдобрите експерти и познавачи на уставно право и политички систем, работи кои овие години најмногу ги газеше оваа власт. На Македонија и треба претседател, а не измеќар на ДУИ. Времињата се тешки, но изборот никогаш не бил појасен, рече Мицкоски. 

За време на оваа кампања ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа, ќе биде фокусирана кон понуда, план за излез од кризата, а нема да се занимава со нивните противници, додека од друга страна гледа дека СДСМ „очајнички прибегнува кон црна кампања, кон измислување и фалсификување на документи“.

-Тие во отсуство на сериозна програма во ситуација кога цела јавност знае дека нивниот збор не држи, дека немаат ниту еден резултат, ниту еден успех, туку само скандали и корупција, тие прибегнуваат кон црна кампања, рече Мицкоски. 

За последните објави за документи и планови на партијата, рече дека од власта „имаат понуда на фалсификувани листови хартија, непостоечки записници кои изобилуваат со детски грешки, многу невистина“.

-Изворот на таквите вести е еден балкански мешетар и контрактор со потекло од Израел кој скапо го платиле со украдените пари од тендерите кои ги местат и го крадат народот. Тој мешетар е познат по таквите измислувања и фалсификувања и ширење лажни вести. Ова го кажувам за да не наседне ниту народот ниту пак медиумите на ваквите лаги, и го кажувам ова за да знае и Ковачевски дека истиот човек пред да отиде кај него, беше кај мене и ми понуди да прави фалсификати документи за власта кои ќе ги продаваме во јавноста за големи скандали. Мојата порака кон овој мешетар беше јасна, јас во политиката влегов да градам и поправам, а не да растурам и расипувам работи или терам црни кампања, рече Мицкоски.

Во говорот тој кажа дека го силно го избркал од неговата канцеларија што тој „го промаши и излезот од просторијата“.

- Но еве гледам си нашол тезга кај СДСМ, кај Ковачевски и Пендаровски и така среќно си фалсификуваат документи и наводни записници. Но еве пораката до Ковачевски и Пендаровски, да не остане некажано. За неколку недели од денес ниту едниот ниту другиот ќе имаат државна функција, ниту едниот, ниту другиот ќе се кријат позади имунитетот. И треба да знаете дека фалсификување е кривично дело и за тоа кривично дело се лежи, ви кажувам за да не излезе дека не сум ви кажал, и не сум ве предупредил, за неколку недели од денес, рече Мицкоски.

Упати порака до своите сопартијци со убедување за победа на изборите велејќи дека тие не можат да си дозволат лагодност во однесувањето, лежерност и спокојно да ја чекаат победата и да власта. Мора да ја заслужиме власта, рече тој, и да знаеме дека се бараат брзи резултати бидејќи премногу време е загубено, а заслужената власт значи одговорна власт.

-Да покажеме дека имаме вредности, дека сме достојни за држава, и дека сите ние заедно сме подготвени да ја градиме од ново нашата држава, врз руините на институциите кои ги срушија, да ја издигнеме новата република гордо и достоинствено. Ширете ја пораката на промените. Тоа не се промени за освета, не се промени за поделби. Промени во кои ВМРО ќе го оправда своето име, како идеја која е столб на македонската држава, рече Мицкоски. Апелираше до сите граѓани без разлика на етничката припадност да им ја дадат поддршката. 

-Работата е едноставна или ќе се отседи дома и ќе се награди ова владеење или со пенкалото ќе се победи овој систем во распаѓање и ќе се одбере патот на промените.

Од митингот побара поддршка и упати пораки до пензионерите, до младите да останат дома и да не се откажуваат од Македонија, до работниците, земјоделците, до докторите... 

На бизнисмените им порача дека од нив зависи дали „петмина од ДУИ ќе ја водат државата и измеќарите од СДСМ ќе ги добиваат тендерите“, или на правилен начин, согласно закон ќе се работи и вистинскиот квалитет ќе биде награден. - Или ќе го одобрите рекетот на ДУИ и СДСМ или ќе се приклучите на бранот на промените и ќе не поддржите за конечно да има ред во бизнисот и се награди квалитетот, рече Мицкоски. 

Обрачајќи и се на албанската опозиција рече дека сакаат да коалицираат со нив, но и да се почитуваат како пријатели и сограѓани. 

- И Македонците и Албанците и сите останати ги имаат истите проблеми и предизвици, и вашите синови и ќерки се иселуваат како и нашите. Да работиме заедно за држава со систем во која сите еднакво ќе имаат привилегии, но и одговорност, порача Мицкоски. 

На ДУИ, пак, и порача дека „и опозиција е добра за развојот на една партија и за себеоценка на сопствените грешки“.

- Ослободете се од криминалот, ослободете ја државата од вашите корумпирани функционери и ќе го цениме тоа како ваш влог во соживотот и во системот на државата, рече Мицкоски. 

Говорот го заврши со порака до идните функционери од ВМРО-ДПМНЕ и до партиите од нивната коалиција. 

- Никогаш, ама баш никогаш немојте да го разочарате народот. Секоја грешка ќе биде остро санкционирана. Не планирам да толерирам или премолчувам каков било криминал и злоупотреба. Имаме многу заедничка работа, барам од вас пожртвуваност, посветеност, професионалност, верност кон народот и верност кон Македонија, рече тој.

На членството и на семејството им се обрати со зборовите дека никогаш нема да дозволи да се срамат од тоа што го работи оти ќе направи максимум да бидат горди на нивните успеси.

На митингот зборуваше и кандидатката за претседателка поддржана од партијата Гордана Силјановска Давкова, која презентираше дел од својата платформа. ев/лв/

ФОТО: ВМРО-ДПМНЕ

         

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан