• вторник, 17 декември 2024

Мицкоски: До 28 мај има можност коалицијата „Твоја Македонија“ да консолидира 61 пратеник

Мицкоски: До 28 мај има можност коалицијата „Твоја Македонија“ да консолидира 61 пратеник

Скопје, 9 мај 2024 (МИА) - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува до 28 мај да биде формиран новиот парламент и најавува дека до тој термин има можност ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ да консолидира 61 пратеник.

-Веќе има најави од новите пратеници кои планираат да ја поддржат новата влада. Очекувам до 28 мај да консолидирам како претседател на партијата 61 пратеник. Вие споменавте 58 пратеници или нешто повеќе од 436.000 гласови нешто што до сега е не запаметено на толкава излезеност и на толкав процент на освоени гласови од позиција на опозиција. И ценам дека овој историски резултат можеби многу тешко понатаму би се повторил, рече Мицкоски вечерва во емисијата „Само интервју“ за Канал 5.

Тој повторно потврди дека коалицијата Вреди ќе биде нивниот главен коалициски партнер, која ја оцени како вистински претставник на албанската заедница во земјава, и додаде дека во идната влада се добредојдени сите кои ќе ја почитуваат предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

- Со освојување на 107.000 гласа, коалицијата ВРЕДИ го потврди својот кредибилитет за да бидат кредибилен партнер на идната влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. На секого ќе му дадеме шанса иако не очекувам ДУИ да ги прифати новите политики на владата. Ахмети се опкружи со погрешни луѓе затоа негова одговорност е да оди во опозиција. Сепак, потребни ни се 80 пратеници во Парламентот за системски реформи и затоа секому ќе му дадеме шанса, рече Мицкоски.

Најави дека демографијата и фертилитетот ќе бидат голем предизвик за новата влада и порача дека ќе се реформираат министерствата и ќе има префрлање на надлежности од едно во друго министерство, како и дека повеќе нема да има министри без ресор.

Утре, како што кажа, ќе има средба со коалициските партнери од „Твоја Македонија“ на која ќе ги слушне и нивните мислења и предлози за идната коалициска влада.

- Неформални комуникации со потенцијалниот коалициски партнер Вреди постојат и сега, но најпрво треба да имаме средби со коалицијата „Твоја Македонија“ и да одбереме луѓе кои ќе преговараат, а за нив треба одобрение да ни дадат и органите на партијата, посочи Мицкоски и додаде дека не сака да води преговори под притисок и ултиматум, туку со дијалог и аргументи.

Нагласи дека тој е првиот што сака да ја види земјава во ЕУ, но додаде дека не прифаќа ултиматуми со кои, како што рече, македонскиот народ ќе ги плаќа грешките на некои неразумни политичари.

-Мора да покажеме карактер ако сакаме да не почитуваат, а не да бидеме потчинети, потенцира Мицкоски.вј/лв/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан