• недела, 22 декември 2024

Мицкоски: Дома да се обезбеди консензус за надвор да имаме посилни позиции

Мицкоски: Дома да се обезбеди консензус за надвор да имаме посилни позиции
Скопје, 20 февруари 2022 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека за да има посилни позиции во разговорите со Бугарија, земјава треба најпрво дома да постигне консензус. Според него, за да се постигне договор со Бугарија, треба да бараме гаранции за македонскиот јазик кој е различен од бугарскиот, како и за македонскиот народ кој има вековна традиција и култура. Во вечерашното гостување на ТВ Сител, Мицкоски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е отворена за разговор со власта околу сите клучни прашања. -И ние бараме од Брисел да биде гарант за македонскиот јазик и за македоскиот народ, но бараме гаранција од Брисел, како и од официјална Софија дека до зачленувањето во ЕУ нема на некоја земја да и пречи нашето име. Кога сето ова ќе го видиме на маса, оваа гаранција, тогаш можеме да разговараме за се друго. Во овој момент, таков договор каков што планира да потпише Ковачевски, нема успешно да помине во Парламентот, а бидејќи Петков бара гаранции, барам и јас. Ако има македонски јазик без фуснота и македонски народ со своја култура и историја, ја имаат нашата поддршка. Подготвени сме да разговараме за иднината и за поинтензивна соработка со Бугарија, па дури и за вклучување на Бугарите во Уставот, но прво да видиме гаранции за македонскиот јазик и македонскиот народ, рече Мицкоски. Коментирајќи ги пораките од Минхен, тој истакна дека повторно на мала врата ќе се „бутка“ истата игра како на времето за промената на уставното име. -Еден ќе потпише едностран договор, заедно со другата страна, односно со бугарската Влада, и секој што ќе биде против тој договор кој очекувам да биде удар врз идентитетот, ќе биде прогласен за анти ЕУ, а секој што ќе го поддржи ќе биде про ЕУ и потоа ќе почне притисокот врз пратеници, омаловажување и понижување на  Законодавниот дом. Таа игра веќе сме ја гледале, нагласи Мицкоски. На прашањето зошто досега немал средба со Ковачевски откако е премиер, Мицкоски одговори дека вратата е отворена и дека стои на располагање за клучните прашања, за дијалог и за тет-а-тет средба. -Но, но тој до денес не собра храброст да ме повика на лидерска средба и да поразговараме за овие теми за кои разговара секаде по светот, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Објаснувајќи што значи најавената „пролетна офанзива“ по средбата со Касами, Мицкоски објасни дека  партиите од опозицијата ќе ги искористат сите институционални и вонинституционални инструменти кои им се на рапсолагање - делување во Парлментот, но и на улиците, зашто довербата во власта, како што рече, е се помала, а и народот тоа го очекува од ВМРО-ДПМНЕ. Во врска со законот за наставниците, Мицкоски го повтори партискиот став - дека на мала врата се овозможува груба партизација во образованието, а за повисоки плати, порача, Владата треба само да го почитува колективниот договор. Мицкоски ја коментираше и состојбата во енергетскиот сектор. -Ако произведуваме како пред седум-осум години, немаше да дојде до ова. Сметките за струја се високи не зашто нема јаглен, туку зашто има многу крадење, недомаќинско работење и неспособност, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. мч/мд/  

Остани поврзан