Мицкоски: Договорот меѓу „Хеј“ и Државна лотарија е основа за покренување кривична постапка
- Договорот за закуп за деловен простор склучен меѓу „Хеј“ ДООЕЛ и Државна лотарија, Владата не само што го раскина туку тој е и основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна туку дури и до три пати поголема од пазарната и не само тоа, предвидени се трошоци за реновирање, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Скопје, 18 септември 2024 (МИА) - Договорот за закуп за деловен простор склучен меѓу „Хеј“ ДООЕЛ и Државна лотарија, Владата не само што го раскина туку тој е и основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна туку дури и до три пати поголема од пазарната, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со раскинување на договорот меѓу „Хеј“ ДООЕЛ и Државна лотарија, меѓу другото напомена дека спротивно на законот биле издавани лиценци за приредување игри на среќа преку интернет, а предмет биле и друг тип на платформи, сето она кое што, како што посочи, претставува груба злоупотреба, кршење на законот и основа за кривична пријава.
-Што се однесува до договорот кој што вчера беше предмет на владина одлука, да тој е раскинат со владина одлука. Не само што е раскинат договорот, туку е и основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна туку дури и до три пати поголема од пазарната и не само тоа, предвидени се трошоци за реновирање. Она што е предвидено, односно 2,28 милиони евра за киријата, тоа е само еден дел од договорот. Има и околу 1,7 или 1,8 милиони евра кои што се предвидени за реконструкција на самиот објект, бидејќи претходно тој објект бил користен за семејни веселби, прослави и друг тип на забава, а сега требаше да претставува седиште на Државна лотарија и затоа беше раскинат, рече Мицкоски.
Тој посочи дека до крајот на оваа недела или на следната владина седница во вторник ќе биде раскинат договорот, потенцирајќи дека секое основано сомнение кое постоело за сторен криминал и корупција од епски размери ќе бидат минато.
-Во текот на вчерашната седница беше разговарано, денеска поради некои делови кои што треба да се доработат ќе биде на дневен ред на генерален колегиум и очекувам до крајот на оваа недела или веќе на следната владина во вторник и тоа да биде раскинато. Со ова, сите партиски донатори кои што официјално и неофицијално беа блиски со претходната влада на СДСМ и ДУИ, за кои што постоеше основано сомнение и се уште постои основано сомнение за сторен криминал и корупција од епски размери ќе бидат минато и конечно ќе можат граѓаните да бидат мирни дека владее правото кај нас, додаде Мицкоски, за време на неговото присуство на доградбата на ООУ „Блаже Конески“ во Општина Аеродром.
Владата вчера соопшти дека разгледала и усвоила информација за преземените активности за раскинување на Договорот за закуп на административно – деловен простор склучен помеѓу ХЕЈ ДООЕЛ Скопје и Акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија. - Овој договор кој е склучен за време на минатата влада предизвика силни контроверзни и нереални високи суми при што се споменуваа и одредени лукративни интереси. Договорот е во износ од 2.26 милиони евра во период од неколку години, соопшти владината прес-служба.бт/лв/