• петок, 22 ноември 2024

Мицкоски во Гази Баба: По победата на 15 јули ни претстои обнова на државата

Мицкоски во Гази Баба: По победата на 15 јули ни претстои обнова на државата
Скопје, 9 јули 2020 (МИА) - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва на средба со граѓаните во скопската општина Гази Баба рече дека веќе не се поставува прашањето кој е победникот на 15 јули, туку колку ќе биде победата, а дека маратонот, како што рече, почнал пред повеќе од пред две и пол години. -Внимателно чекоревме и не беше ниту едноставно, ниту лесно. Имаше и критика, ги слушавме критиките, но критика од близок не боли, туку те прави посилен, похрабар, а вие бевте нашиот мотив да бидеме подобри. За само 30 месеци успеавме да турнеме ваква ненародна власт. Првата битка ја добивме, следува втората, одлучувачката и таа е јасна - победникот е ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски и додаде дека по 15 јули и победата, претстои поголем предизвик, „а тоа е да ги засукаме ракавите да си ја обновиме државата“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека се за една унитарна Македонија, без разлика на етничка припадност, но дека она што го прават СДСМ и Беса е „распарчување, ставање на маса на државата“ и дека против тоа се, рече, „сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи и сите останати“. Пред граѓаните на Гази Баба Мицкоски кажа дека СДСМ се служи со лаги за повисоки плати, достоинство за младите, за земјоделците, а сликата, рече, е поинаква - „младите си отидоа, земјоделците се понижени, наместо правда и мир граѓаните видоа немир и неправда, Луј Вутон обвинителство и трас-трас судство“. - Затоа ги повикувам сите кои нè подржуваат, но и оние неопределените, како и оние симпатизери на СДСМ, дојдете со нас. Ајде прво да ја ослободиме Македонија, а потоа и вашата партија од овие луѓе. Дојдете со нас, тука нема разлики, ние се бориме против криминалците, против оние кои го хушкаат народот за да си делат тендери, да возат мајбах, а народот има една мака само како да врзе од први со први, како да го помине месецот, рече Мицкоски, нагласувајќи дека  борбата на ВМРО-ДПМНЕ е борба за вредности, чест, достоинство, трудољубивост, почитување, хуманост и дека клучно ќе биде да се види потеклото на имотот на политичарите. Носителот на кандидатската листа во Втората изборна единица од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во скопска Гази Баба рече ветува дека нема да им заборави ако му ја дадат шансата што ја бара. -Започнав една позитивна кампања, но да не заборавиме на она што го направија - чемер и јад. Знаете како започна кампањата - со фрлена бома во мојот дуќан. И многу луѓе беа прогонувани зашто не мислат како нив, затоа што ја сакаат Македонија, кажа Мисајловски. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека покрај програма од илјада проекти, ќе почнат и со друга во која ќе ги решаваат локалните проблеми. -Приоритет ни е правото и правдата и затоа мора да одговара секој што се огрешил пред законот, истакна Мисајловски, повикувајќи ги жителите на Гази Баба да гласаат за бројот 14 и да се придружат во обновата на Македонија по 15 јули. хс/скс/  

Остани поврзан