• сабота, 25 јули 2026

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е континуитет на историското ВМРО, идејата што почна пред 36 години беше и ќе остане Македонија

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е континуитет на историското ВМРО, идејата што почна пред 36 години беше и ќе остане Македонија

Струмица, 17 јуни 2026 (МИА) - Вечерва сме собрани да покажеме дека идејата што почна пред 36 години не само што опстана туку денес е посилна од кога било. Таа идеја, тој наш сон отсекогаш бил и ќе остане Македонија. Вечерва сме собрани да покажеме дека Македонија повторно има енергија, повторно има надеж. Од Струмица вечерва испраќаме јасна порака - Македонија се исправа, чекор по чекор одиме напред и мора да забрза. Тоа е нашата обврска. Македонија која забрзува.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски на 36. роденден на партијата, кој се одбележува во Струмица со мотото „Македонија забрзува, наша обврска“. Во говорот рече дека големи се проблемите што ги наследиле и дека нема магично стапче да ги реши преку ноќ, но оти се прават чекори напред. Како што рече, тие се мали, но сигурни чекори и ќе стануваат сè поголеми затоа што Македонија забрзува „и покрај стотиците, илјадниците проблеми што ни се оставени, и покрај тоа што камен на камен не беше оставено и сè беше уништено“.

- Во овие 36 години имаше многу тешки моменти. Имаше порази, имаше неправди, имаше разочарувања, имаше моменти кога многумина мислеа дека е полесно да се откажеш отколку да продолжиш понатаму. Но, секогаш кога некој мислеше дека сме паднале, ние станувавме посилни. Секогаш кога некој мислеше дека сме поразени, народот ни даваше нова инспирација, нова енергија, нова сила. Секогаш кога некој сакаше да ја оттурне Македонија назад, се појавуваа луѓе што беа подготвени да ја поведат напред. И јасно се оцртуваат границата и разликата. Тие од опозицијата мислат дека се родени за да бидат на власт, ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, граѓаните, каузата и татковината. Затоа и нашата сила доаѓа од народот. Тоа е така сега, но така било и низ вековите. Нашата задача е борба во она во што веруваме и сè додека сме силни, обединети и правиме добро за државата, тогаш татковината ќе има сила - истакна  Мицкоски во обраќањето.

Со порака до секој член на ВМРО-ДПМНЕ дека „мора да биде свесен за историскиот габарит што го носи ова име“, Мицкоски се осврна на историјата и на околностите во кои е создадена Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) на 23 октомври 1893, чија цел било создавање автономна Македонија. По речиси еден век, на темелите на таа Организација е зародокот и на денешната современа политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, основана на 17 јуни 1990. 

- Континуитетот на кој се повикуваме и го поврзуваме со историската ВМРО не е никаков апстрактен поим или нешто имагинарно, туку суштински став, решение и идеологија длабоко вградена во програмските документи на ВМРО-ДПМНЕ, прифатена и верификувана од сите раководства на партијата во нејзината 36-годишна историја, а искрено примена од огромното членство и симпатизерите на партијата - истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Зборувајќи за историјата на Организацијата, посочи дека таа ја црпела својата сила и моќ од македонскиот народ и се осврна на фазите во историјата на ВМРО - од основањето во 1893 до 1905 кога е подемот и единството на Организацијата и таа во своите редови ги обединила македонските револуционери, преку периодот на внатрешни поделби и непријателства по Првата светска војна и меѓусебните физички ликвидации, обвинувања, идеолошки пресметки и братоубиства во 20-тите години, до илегалните групи и организации по Втората светска војна, кои, рече, се повикувале на идеалите на старата Гоцеделчева ВМРО, „јасно декларирајќи дека ќе се борат Македонија да се отцепи од Југославенската Федерација и да се конституира во независна држава во срцето на Балканот“. Како што рече, во доцните 80-ти години, пред самиот распад на тогашната Југословенска Федерација, службата за државна безбедност УДБА имала зачувано речиси 14.500 политички досиеја, најголем дел на членови на вмровските групи, со напомена дека постојат јасни индиции дека повеќето од досиејата се скриени или целосно уништени. 

- Во 2017, 2018 и на почетокот на 2019 година ВМРО-ДПМНЕ беше под жесток политички прогон. Во тоа време имаше и отворени предлози од челници на СДСМ за укинување на името на ВМРО и тоа со закон. Замислете, во 21 век. Но, еве, осум години подоцна, историјата е добра учителка, треба само да се постави прашањето каде се тие, а каде е ВМРО-ДПМНЕ - рече Мицкоски и додаде дека ВМРО- ДПМНЕ не е партија без корен - таа има славна, но и тешка историја.

Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од партија.

- ВМРО е име што се памети. Име што носи тежина. Име што буди чувство, име натопено со солзите на генерации борци. Со денешен речник кажано, ВМРО е најголемиот политички македонски бренд создаден од историја, од борба, од болка, од жртва, од верба и од љубов кон татковината. ВМРО е идеја што трае - истакна Мицкоски на одбележувањето на роденденот на партијата во Струмица. хс/паг/

Фото: МИА