Ахмети има редовна комуникација со Груби, го советувам да се врати и да се соочи со правдата, вели премиерот
- Али Ахмети има редовна комуникација со Груби и го советувам да се врати во земјава и да се соочи со правдата, порача премиерот Христијан Мицкоски во одговор на прашањето кога Артан Груби ќе се врати во земјава поставени при неговото гостување во вестите на ТВ Алсат.

Скопје, 26 февруари 2025 (МИА) - Али Ахмети има редовна комуникација со Груби и го советувам да се врати во земјава и да се соочи со правдата, порача премиерот Христијан Мицкоски во одговор на прашањето кога Артан Груби ќе се врати во земјава поставени при неговото гостување во вестите на ТВ Алсат.
-Кога ќе се врати Груби не знам, колку што успеав да го слушнам Меџити, тој кажа дека Ахмети има редовна комуникација со Груби и можеби тој треба да даде одговор кога ќе се врати. Јас би сакал да се врати уште денеска, затоа што единствениот начин да одговори на сите прашања е да биде тука присутен и да даде одговор, потенцираше Мицкоски.
Во однос на најавите од пред неколку месеци за обид за дестабилизација во земјава од страна на ДУИ и зошто сега нема такви изјави, Мицкоски рече дека обид за дестабилизација не значи и дека ќе успеат и додаде дека земјава е стабилна како никогаш досега.
-Обид за дестабилизација не значи и дека ќе успеат во тоа и дека ќе бидеме нестабилна држава. Како што гледате девет месеци не само што сме стабилна држава, туку и на меѓународен план постигнуваме такви пријателства и такви сојузништва што се незапаметени во независна Македонија, нагласи Мицкоски.
За можна соработка со ДУИ, премиерот Мицкоски истакна дека е задоволен од соработката со коалицијата ВРЕДИ и односите во владината коалиција се кохезивни, цврсти, а, како што рече, цел на коалицијата е подобро утре за граѓаните и државата.
-Така работиме и ќе продолжиме да работиме, потенцираше Мицкоски. вј/нд/
Фото: Влада