Мицкоски: Ако добијам документи од јавен интерес ќе ги објавам, кривично дело е ако не ги објавам
- Лично како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ако добијам документи кои се од јавен интерес ќе ги објавам. Кривично дело ќе биде ако не ги објавам, значи сум соучесник и прикривам, рече лидерот на н
Скопје, 8 април 2021 (МИА) - Лично како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ако добијам документи кои се од јавен интерес ќе ги објавам. Кривично дело ќе биде ако не ги објавам, значи сум соучесник и прикривам, рече лидерот на на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во гостување на ТВ Алфа, осврнувајќи се на акцијата со издавање фалсификувани пасоши и наводите за саботажа од негова страна со објавување детали од неа.
По тврдењата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека Мицкоски бил во контакт со еден од приведените во акцијата, лидерот на опозицијата рече дека е подготвен да се проверат неговите контакти, но оти не знае кое е тоа лице.
- На крајот од денот еве го мојот мобилен телефон нека го земат нека го вештачат и нека видат дали сум контактирал со тоа лице, рече Мицкоски посочувајќи дека може да се провери и дали се среќавал со такво лице за кое што се споменува.
Сега, дополни, се обидуваат невешто еден со друг да се бранат на начин на кој што цела јавност им се смее. Уште дента требаше да бидат поднесени оставки.
-Статешки гледано голем срам и е нанесен на Македонија и непоправлива штета, рече Мицкоски, оценувајќи дека ова е најголемата афера што и се случила на државата во последните 10 години.
Мицкоски наведе и дека по откривањето на аферата со пасошите добивал закани по неговиот живот, кои вели, деновиве жестоко се интензивираат, но, не чувствува страв заради тоа туку, како што посочува, се поголема мотивација. Тој кажа дека по изборите во јули, лани, бил информиран од АНБ дека службените лица кои биле задолжени за негово обезбедување како лидер на опозицијата биле повлечени, затоа што процениле дека немало опасност, и оти доколку денес му биде доделено повторно, не би го прифатил.
-Не знам дали се заканува мафијата или не, но чудни телефонски броеви штракаат разноразни пораки, чудни луѓе приоѓаат, чудни мејлови, чудни писма изминативе денови. Телефонски броеви да речеме од соседството, од Русија итн. Јас ќе продолжам и понатаму и ова само ме охрабрува дека сме на прав пат, нема да застанеме, рече Мицкоски.
Во однос на одложениот попис и дали ќе остане истата методологија Мицкоски посочи дека за него е прифатливо само резидентното население да учествува во статистиката на државата.
-Многу е важно да се каже дека методологијата не е дел од законот, туку подзаконски акт, и треба да е во согласност со нормите што се пропишани од Еуростат. Во методологијата стои што значи резидентно, а што нерезидентно население, да, како статистичка операција овој попис ќе ги опфати и резидентото и нерезидентното население, но резединетното население е тоа кое ќе учествува во статистиката на Република Македонија и не прифаќам друго затоа што нерезидентите - да се државјани и ги уживаат истите права како и ние кои сме резидентите, но тие не можат со мене да го делат БДП бидејќи јас, вие го создаваме, а тие создаваат во државите во кои се, рече Мицкоски.
Упати критики за справувањето со ковид кризата и состојбата во економијата, наведувајќи дека некаде околу 115 милиони евра е новиот долг за само три месеци, како и дека над 55.000 лица ги изгубиле своите работни места.лв/ва/