• сабота, 16 ноември 2024

Митрески: Задоволен сум што првиот указ што го потпишав е Указот за прогласување на Законот за употреба на македонскиот јазик

Митрески: Задоволен сум што првиот указ што го потпишав е Указот за прогласување на Законот за употреба на македонскиот јазик

Скопје, 26 јануари 2024 (МИА) - Новиот претседател на Собранието Јован Митрески го потпиша Указот за прогласување на Законот за употреба на македонскиот јазик, кој денеска беше донесен од страна на Собранието. 

- Посебно сум задоволен што првиот Указ што го потпишав, како претседател на Собранието, е Указот за прогласување на Законот за употреба на македонскиот јазик. Македонскиот јазик е заштитен како симбол на нашиот идентитет и посебност. Наша обврска е да го негуваме и унапредуваме, но и да го промовираме на домашен и меѓународен план, каде со мудрите политики и одлуки му обезбедивме рамноправно место со јазиците на сите земји членки на Европската Унија, напиша Митрески на Фејсбук.

Новото законско решение, како што наведува, предвидува задолжително лекторирање на сите материјали, но и предвидува обврска за задолжително вработување на лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на Владата.

- Го зајакнуваме инспекцискиот надзор, се основа Инспекторат за примена на македонскиот стандарден јазик, но исто така се создава и правна основа за донесување на национална стратегија за македонскиот јазик за период од пет години. Преземаме и конкретни мерки за зголемување на интересот кај младите да го изучуваат македонскиот јазик. Создаваме можности за доделување стипендии за учениците од четврта година средно образование, додипломски студии, магистерски и докторски студии, се вели во објавата на Фејсбук. бак/

Фото: Фејсбук статус 

Остани поврзан