• четврток, 04 јули 2024

Митовски: Младите се наши активни партнери во градење поубава иднина за сите

Митовски: Младите се наши активни партнери во градење поубава иднина за сите

Крива Паланка, 11 август 2023 (МИА) -  Младите се енергијата и јадрото на сегашноста, младите денес - активни и наши партнери во градење на заедницата, за поубава иднина за сите, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на средбата со младите од младински организации, здруженија, спортски клубови и индивидуалци во општината. 

Заедно со службеникот за млади, Даниела Милошевска, Митовски им го честитаа претстојниот 12 август, Меѓународен ден на младите.

-Енергични и полни позитивна енергија, секоја средба со младите посебно ме радува бидејќи сте срцето, моторот и движечката сила на градот, зашто секогаш, секаде младите се сегашноста и потенцијал за уште подобра иднина на заедницата. Токму поради тоа, посебен фокус во мојата работа, уште од првиот ден, како градоначалник на Крива Паланка, се младите луѓе: ученици, студенти, спортисти, нагласи Митовски.

Тој нагласи дека во пресрет на Меѓународниот ден на младите, општината го честита празникот со реални имплементирани младински политики во општината, како една од првите општини во државата со Програма за млади. Митовсаки пти тоа посочи дека по првпат се воведени повеќе стимулативни мерки за млади како: субвенции за набавка на дигитален уред и за набавка на велосипед, бесплатни термини за користење спортски објекти, еднократна парична помош за матуранти, набавка на количка за новороденче, еднократна парична помош за првачињата, продолжени стипендирања на талентирани ученици, студенти, спортисти, финансирани од буџетот.

-Честит 12 август со сите реализирани проекти во спортската инфраструктура, чиишто корисници се пред се, младите, реновирани безмалку сите училишни спортски терени, изградени и уредени нови игралишта, детски катчиња, изградба на уште неколку до крајот на годината, со  богата и разновидна културна програма за нивна континуирана забава, можности за реализација на нивната креативност и потенцијал, рече Митовски.

Тој истакна дека младите заедно со локалната самоуправа градат европска општина и иднина за младите луѓе тука, во нивниот роден град.

Присутните млади поставија повеќе прашања што ги засегаат од областа на средното стручно образование, уметноста. Посочија дека се информиранит за сите тековни проекти и активни мерки на општината насочени кон младите, за кои велат, се на задоволително ниво, а истакнаа и дека често се прашани, слушнати и инволвирани во спроведувањето на активни политики на локално ниво. ид/вг/

 

Фото: МИА

 

Остани поврзан