• четврток, 04 декември 2025

Мисијата на Светска банка на разговори во Фондот на ПИОМ за активностите во рамките на Проектот СИАП

Мисијата на Светска банка на разговори во Фондот на ПИОМ за активностите во рамките на Проектот СИАП

Скопје, 29 октомври 2025 (МИА) - Дигитализацијата на архивата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, била дел од темите на кои разговарале директорот на Фондот, Никола Мемов на средбата со претставниците на Мисијата на Светска банка предводена од Зоран  Анушиќ и Мануела Софија Станкулеску, а што е дел од СИАП проектот и пензиската политика.

На средбата, како што наведуваат од Фондот на ПИОМ, било посочено дека во наредниот период ќе се интензивираат активностите за да може дигитализацијата на архивата да се реализира до средината на наредната 2026 година, бидејќи е од особена важност за обезбедување на квалитетна база на податоци за осигурениците и ќе придонесе во поефикасното работење на Фондот. Исто така, на состанокот се разговарало и за статусот на актуарската единица која треба да се воспостави во наредниот период и активностите потребни за заживување на целиот процес.

Шефот на Мисијата, Анушиќ нагласил дека за дигитализацијата на архивата на Фондот во рамките на Проектот се предвидени околу еден милион евра и во тој процес, кој се очекува да заврши следната година, ќе бидат дигитализирани 110 илјади предмети со околу два милиони страници.

Директорот Мемов ги информирал претставниците на Светска банка дека во систематизацијата на Фондот веќе е предвидено посебно одделение за Долгорочно планирање.

-Во најкус рок одделението ќе биде екипирано со минимум потребниот кадар и ќе може да се спроведат обуки. Овој процес е од исклучително значење за работата на Фондот, како и за проекциите и предвидувања за развојот на пензискиот систем во иднина, потенцирал Мемов.

Наредната средба со претставниците на Мисијата на Светска банка за имплементација на СИАП проектот и пензиската политика ќе се одржи наесен. фф/дма/

Фото: Фонд на ПИОМ

Остани поврзан