Мирен протест на опозицијата пред владата во Тирана, новата година ја почнува со масовни протести
- Албанската опозиција, предводена од Демократската партија, вечерва пред владата во Тирана, одржаа „говорница“ на пратеници и граѓани.
Тирана, 29 декември 2025 (МИА) - Албанската опозиција, предводена од Демократската партија, вечерва пред владата во Тирана, одржаа „говорница“ на пратеници и граѓани.
Пред насобраните се обратија претставници од неколку градови, меѓу кои и од Валона, кои ја обвинија владата за проблемот со петдневниот прекин на водата за пиење. И останатите не поштеди ј зборови за осуда на владата и премиерот Еди Рама.
На говорницата последен се обрати демократскиот лидер, Сали Бериша, кој рече дека „новата година ја започнуваат со протести, дека опозицијата е посилна од кога било, и оти актуелниот нарко - диктаторски режим се распаѓа".
-Денес го затвораме протестот за да ја започнеме годината со протести. Каде и да одам, наоѓам апсолутна решеност да се разделиме од ова зло што е можно поскоро. Албанците со нетрпение го очекуваат отстранувањето на оваа банда од власт. Ви гарантирам дека опозицијата денес е посилна од кога било. Таа е порешителна од кога било да ја исполни својата мисија, рече меѓу другото Бериша.
Порача дека никој не треба да заборави дека „моќта на идеалите е најголемото оружје од сите оружја".
Зад говорницата беа поставени маскоти со ликовите на Рама и членови на владата во затворска униформа и лисици на рацете.
За разлика од последниот протест, на кој беа фрлани молотови коктели кон владиниот објект, вечерва протестот мина мирно. вт/мс/
Фото: Принтскрин ФБ Бериша