Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за војните во Украина и Иран
- Министрите за надворешни работи на Европската Унија денеска ќе разговараат за војните во Украина и на Блискиот Исток, како и за ефектите од прелевањето на борбите.
Брисел, 16 март 2026 (МИА) - Министрите за надворешни работи на Европската Унија денеска ќе разговараат за војните во Украина и на Блискиот Исток, како и за ефектите од прелевањето на борбите.
Се очекува украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха да им се придружи на своите колеги од ЕУ преку видеоврска за брифинг за најитните потреби на неговата земја во нејзината одбрана од Русија.
Поддршката на ЕУ за Киев претрпе неуспех минатиот месец кога 27-те земји членки на блокот не успеаја навреме едногласно да се договорат за нови мерки за помош за 4-тата годишнина од инвазијата на Русија.
Како што пренесе ДПА, 20-тиот пакет-санкции против Русија, како и пакетот финансиска помош вреден 90 милијарди евра (103 милијарди долари), сè уште е блокиран поради отпорот од Унгарија и Словачка.
ЕУ исто така постојано предупредуваше на можни реперкусии за Украина од конфликтот на Блискиот Исток.
Според Европската комисија, Москва има огромна корист од вртоглавиот раст на цените на горивата откога почна војната во Иран, со дополнителна дневна заработка од 150 милиони евра од продажба на нафта.
Ова доаѓа по неколкугодишните напори на ЕУ да ги ограничи приходите на Русија од фосилни горива со цел да се ограничи нејзината способност да ја финансира војната против Украина.
Конфликтот исто така ги исцрпи воените ресурси, при што системите за противвоздушна одбрана и други средства се сè повеќе потребни надвор од украинската војна, а Иран возвраќа на американските и израелските воздушни напади со напади во делови на Блискиот Исток.
Во однос на Иран, се очекува министрите на ЕУ формално да ги одобрат новите санкции насочени кон иранските функционери и организации, како што најави минатата недела највисоката дипломатка на блокот, Каја Калас. јт/сд/
Фото: МИА архива