• петок, 22 ноември 2024

Министерството за здравство на Нов Зеланд ќе ги забрани електронските цигари за еднократна употреба

Министерството за здравство на Нов Зеланд ќе ги забрани електронските цигари за еднократна употреба

Велингтон, 20 март 2024 (МИА) - Министерството за здравство на Нов Зеланд денеска соопшти дека ќе ги забрани електронските цигари за еднократна употреба и ќе ги зголеми казните за продажба на овие производи на малолетници, објавија американските медиуми.

Овој потег доаѓа помалку од еден месец откако владата го поништи историскиот закон донесен од претходната левичарска влада, со кој постепено ќе се укине пушењето во Нов Зеланд со воведување доживотна забрана за младите да купуваат цигари.

Заменик-министерот за здравство на Нов Зеланд, Кејси Костело денеска изјави дека електронските цигари остануваат „клучен уред за откажување од пушење“ и дека новите правила ќе помогнат да се спречат малолетните лица да се здобијат со оваа навика.

-Иако пушењето електронски цигари придонесе за значително намалување на бројот на пушачи, брзото зголемување на бројот на млади кои пушат електронски цигари е причина за загриженост за родителите, наставниците и здравствените работници, рече Костело.

Според новата легислатива, трговците на мало кои продаваат електронски цигари на деца под 18 години ќе се соочат со парични казни до 100.000 новозеландски долари (60.000 американски долари), а поединците ќе бидат казнети со 1.000 новозеландски долари (600 американски долари). мс/

фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан