Министерски состанок на „Коалицијата на подготвените“ за Украина во Брисел
- Министрите за одбрана на земјите членки на „Коалицијата на подготвените“ за поддршка на Украина денеска ќе одржат состанок во седиштето на НАТО во Брисел. Домаќини на состанокот ќе бидат францускиот министер за вооружените сили Себастиен Лекорну и британскиот секретар за одбрана Џон Хили.

Брисел, 10 април 2025 (МИА) - Министрите за одбрана на земјите членки на „Коалицијата на подготвените“ за поддршка на Украина денеска ќе одржат состанок во седиштето на НАТО во Брисел.
Домаќини на состанокот ќе бидат францускиот министер за вооружените сили Себастиен Лекорну и британскиот секретар за одбрана Џон Хили.
Претставник во НАТО во пресрет на собирот изјави дека учеството на Алијансата на денешниот состанок ќе биде со „советодавен капацитет“ и дека таа „не мора ништо да и нуди на Коалицијата“.
Според најавите, на состанокот ќе стане збор за зајакнување на воената поддршка за Украина, но не е исклучено на него да се разговара и за идејата за испраќање меѓународни мировни сили во земјата по евентуалното постигнување договор за прекин на огнот.
Меѓу членките на НАТО, според дипломатски извори, постои длабока поделеност околу прашањето за испраќање мировна мисија во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела наведе три можни мисии на сојузниците во Украина - распоредување копнени сили, воздушно патролирање на украинското небо или испраќање поморски сили за мониторинг во Црното Море.
На минатонеделната средба на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО беше заклучено дека е потребно постигнување траен и одржлив мир во Украина, кој може да се обезбеди само преку сила. Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами тогаш изјави дека за остварување на тоа прво треба да се изгради силна украинска армија, која ќе има воен капацитет за да постигне таков мир.
Состанокот се одржува во време кога САД, кои нема да учествуваат на собирот, прават напори за посредување меѓу Русија и Украина, со цел ставање крај на тригодишната војна.
Утре пак, исто така во седиштето на НАТО, ќе се одржи заседание на Контакт групата за одбрана на Украина посветено на воената поддршка за земјата, со кое ќе претседаваат Велика Британија и Германија. сп/
Фото: МИА Архива