• недела, 22 декември 2024

Министерот Мисајловски на средби во Пентагон

Министерот Мисајловски на средби во Пентагон

Скопје, 26 септември 2024 (МИА) - Министерот за одбрана Владо Мисајловски кој ја предводи македонската делегација за време на работната посета на Соединетите Американски Држави, придружуван од началникот на Генералштабот, генерал мајор Сашко Лафчиски, во Пентагон остварил средба со Аманда Дори, потсекретар за одбранбена политика.

Како што денеска соопштија од МО, потсекретарот за одбранбена политика, Аманда Дори ги истакнала цврстите билатерални односи меѓу двете земји, искажувајќи подготвеност за продлабочување на меѓусебната соработка. За време на средбата од страна на потсекретарот Дори било изразено задоволство за нашата посветеност за модернизација на македонската Армија и за подготвеноста за справување со заедничките одбранбени предизвици, како членка во НАТО Алијансата.

На средбата министерот Мисајловски се заблагодарил за поддршката од САД во процесот на модернизација и опремување и порачал дека остануваме целосно посветени на заедничката соработка, согласно Патоказот за соработка во одбраната кој е израз на нашите заеднички одбранбени цели.

- Мисајловски истакна дека помошта и поддршката која ја добиваме од САД е од големо значење, во насока на зајакнување на националните одбранбени капацитети, модернизација на Армијата и исполнување на меѓународните обврски, се вели во соопштението од МО.

По средбата во Пентагон, министерот Мисајловски го посетил Меморијалниот центар „Арлингтон“ во Вашингтон, каде оддал почит на загинатите американски војници и положил венец на Гробот на незнајниот војник.

Во рамки на посетата, државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова и началникот на Генералштабот, генералот Сашко Лафчиски, оствариле средба со Треша Гуенов, главен заменик на помошникот секретар за одбрана за меѓународна безбедност, на која се дискутирало за модалитетите за зајакнување на одбранбената соработка. цр/

Фото: МО

Остани поврзан