• сабота, 21 декември 2024

Министерката Божиновска на средба со раководствата на МЕПСО, ЕСМ и МЕМО

Министерката Божиновска на средба со раководствата на МЕПСО, ЕСМ и МЕМО

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска одржа средба со директорите и дел од раководството на АД МЕПСО, АД ЕСМ и Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО, на која се разговарало за плановите за претстојната сезона и мерките што се преземаат за да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија на граѓаните.

Како што соопштуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, ова е прва заедничка работна средба меѓу раководствата на овие три најголеми државни претпријатија од областа на енергетиката и Министерството, кои во иднина ќе се одржуваат на месечно ниво.

Божиновска на средбата ја истакнала важноста од редовни средби и координација со челните луѓе на овие три државни претпријатија. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, се посочува, дава силна поддршка и вложувања во донесувањето и имплементацијата на сите позитивни практики во доменот на енергетиката и врши усогласување со европските регулативи како дел од законодавниот пакет.

- На состанокот се разговараше за состојбата во овие три државни претпријатија, мерките и активностите што ги преземаат за надминување на затекнатата лоша состојба, како и за плановите за подобрување и иден развој. На состанокот беа изнесени и предлози за подобрување на работните процеси во насока на унапредување и развој на енергетскиот сектор во земјата. Министерката Божиновска беше подетално информирана за затекнатите проекти во овие три претпријатија, за ревизијата на истите, која е во тек, како и за финансиските обврски што секое од овие три претпријатија ги има до крајот на годината. Се разговараше за плановите за претстојната сезона и мерките што се преземаат за да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија на граѓаните, се наведува во соопштението.

Генералниот директор на АД МЕПСО, Бурим Латифи ја информирал министерката за активностите што се преземаат во насока на модернизација на постојната електропреносна мрежа, изградба на нова и модернизација на електропреносната инфраструктура.

- Како ново раководство, се соочивме со голем број постапки за јавни набавки кои не беа од суштинско значење за потребите на МЕПСО. Во духот на оптимизација, одлучивме средствата од овие постапки да ги пренасочиме кон реконструкција на командните згради на клучните трансформаторски станици во Македонија, кои се изградени пред повеќе од четириесет-педесет години. Со овие проекти ќе овозможиме значително подобрување на енергетската ефикасност и намалување на сопствената потрошувачка, што дополнително ќе придонесе кон економичноста на системот, истакнал Латифи.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, најавил дека се спроведуваат серија активности со кои ќе се оптимизираат трошоците на работа, а во исто време ќе се фокусираат кон зголемување на производството на електрична енергија.

- ЕСМ се посветени да обезбедат сигурна, стабилна и непречена испорака на електрична енергија, нагласил Узунчев.

Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, информирал дека МЕМО е фокусиран на успешно спроведување на планот за издавање гаранции за потекло на електрична енергија, со кој МЕМО ќе биде задолжен да го воспостави и води регистарот за нивно издавање, евидентирање на пренос, признавање, укинување или поништување.

На средбата, што се одржала во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, присуствувале Горан Николов, посебен советник за енергетика, државниот секретар на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Горан Јовановски; претседателот на Надзорниот одбор на ЕСМ, Иван Куковски; Александар Пауноски, заменик на генерален директор на МЕПСО; Анастасија Илиевска, директор за финансии на МЕПСО; Елизабета Гиовска, координатор на оддели во МЕМО; и Иван Стојановски, директор за финансиски работи на АД ЕСМ, стои во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. вг/бак/

Фото: Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан