• недела, 22 декември 2024

Милков за БТВ: Сакаме да бидат заштитени правата на Бугарите во Северна Македонија

Милков за БТВ: Сакаме да бидат заштитени правата на Бугарите во Северна Македонија

Скопје, 29 јануари 2023 (МИА) – Сакаме да бидат заштитени правата на Бугарите таму. Се стремиме кон таква деескалација која ќе донесе подобра заштита на правата на Бугарите. Очекуваме конкретни чекори, а најважниот конкретен чекор, се разбира, е внесувањето на Бугарите во Уставот, изјави техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков во интервју за БТВ.

– Ние сме спремни за деескалација во односите под одредени услови. Враќање на ситуацијата од пред десет дена не нѐ задоволува. Конкретно бараме заштита на правата на Бугарите таму – ако тоа не се постигне, бетонирање на репресијата, вели Милков.

Во интервјуто, Милков информира дека секретарот на бугарскиот клуб во Охрид ќе остане во Бугарија се додека не биде безбедно да се врати назад.

– Лошото е што имаме дилема пред којашто се поставени многу луѓе во Северна Македонија – ќе треба да бидат замолчени и да не се занимаваат со својата дејност како членови на бугарските клубови или да бидат прогонети и да дојдат да живеат во Бугарија. Тоа е сериозен проблем. Наместо да се бараат напаѓачите, во полиција се испрашуваат активистите од клубовите и не знаат дали се повикани како обвинети или како сведоци на тоа што се случило во клубот, вели Милков.

За говорите на европратеникот Ангел Џамбаски и пратеникот во бугарското Собрание Костадин Костадинов во Скопје, Милков вели дека не може да коментира бидејќи не бил таму.

– Не можеме да поддржиме такви изјави, затоа што не само што не водат до добрососедски односи, туку ги зголемуваат тензиите во Северна Маакедонија кои се рефлектираат врз правата на Бугарите и повторно одиме во круг, вели Милков.

Во интервјуто тој потврдува дека утре во земјава ќе дојде техничкиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и директорот на ДАНС Пламен Тончев и дека ќе се разговара за конкретните чекори што треба да се преземат по повод чествувањето на роденденот на Гоце Делчев. бак/

Остани поврзан