• сабота, 23 ноември 2024

Милијарда млади луѓе би можеле да го изгубат слухот поради прегласна музика од слушалките

Милијарда млади луѓе би можеле да го изгубат слухот поради прегласна музика од слушалките
18 ноември 2022  BMJ Global Health Околу една милијарда млади луѓе во светот се изложени на ризик од губење на слухот подоцнежните  години во животот поради слушање прегласна музика преку слушалки или присуство на места или концерти со гласна музика, покажуваат податоците на Светската здравствена организација собрани врз основа на повеќе студии. СЗО ги повика младите да посветат поголемо внимание на нивните навики за слушање гласна музика, а владите и производителите да направат повеќе за да го заштитат здравиот слух на поединците. Анализата објавена во списанието BMJ Global Health испитуваше податоци од 33 научни студии објавени на англиски, шпански, француски и руски јазик во последните две децении. Истражувањето опфатило повеќе од 19.000 учесници на возраст од 12 до 34 години. Констатирано е дека 24 отсто од младите луѓе се изложени на прегласна музика од слушалки на уреди како што се паметните телефони. Исто така, утврдено е дека 48 отсто биле изложени на нездрави нивоа на бучава на места како ноќни клубови или концерти. Комбинирајќи ги достапните податоци, се проценува дека меѓу 670.000 и 1,35 милијарди млади луѓе би можеле да бидат изложени на ризик од губење на слухот во подоцнежниот живот. Опсегот е толку широк делумно затоа што некои млади луѓе се изложени на ризик за двата фактора, рече Лорен Дилард, аудиолог од Медицинскиот универзитет во Јужна Каролина, која ја водеше студијата. „За жал, тие навистина сакаат да слушаат многу гласна музика“ Дилард изјави дека најдобриот начин да се намали ризикот од губење на слухот поради гласната музика од слушалките е да се намали јачината на звукот и да се скрати времето на  слушање музика. Но, таа признава дека „за жал, луѓето навистина сакаат да слушаат многу гласна музика“. Дилард ги советува корисниците на слушалки да користат поставки за паметни телефони или апликации кои им овозможуваат да го следат нивото на звукот. Во гласни средини, специјалните слушалки би можеле да помогнат да се избегне „засилувањето на музиката и намалувањето на бучавата во позадина“, предложи Дилард. Таа советува да се носат тампони за уши на бучни места, односно настани како што се концерти или ноќни клубови. „Веројатно е многу забавно да се биде пред звучниците, но за долгорочното здравје тоа во секој случај не е добра идеја“, рече таа. „Кумулативно дејство“ „Изложеноста на гласна музика во текот на целиот живот има кумулативен ефект врз слухот и еден ден кога ќе наполните 67 години, на пример, би можеле да го платите данокот“, рече таа. Експертката ги повика владите да се придржуваат до упатствата на СЗО за безбедно слушање музика, како што се следење и ограничување на нивоата на музика во одредени простори.
Во исто време, таа ги повика компаниите кои произведуваат уреди како паметни телефони да ги предупредат корисниците за прекумерната јачина на звукот и да ги вклучат родителите во процесот за ограничување на изложеноста на децата на гласна музика. Истражувањето е ограничено бидејќи вклучува различни методологии за тестирање на гласноста низ различни студии, а ниту една не беше спроведена во земји со низок приход. „Можноста за сериозно губење на слухот кај населението е многу голема“ Стивен Стансфелд, експерт за проучување на влијанието на бучавата врз здравјето, од Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон, кој не бил вклучен во студијата, рече дека тоа покажува дека „можноста за посериозно губење на слухот кај целата популација е многу висока“. Според СЗО, повеќе од 430 милиони луѓе, што е повеќе од пет проценти од светската популација, моментално страдаат од губење на слухот, што ги оневозможува да ги извршуваат секојдневните задачи. Агенцијата на ОН проценува дека оваа бројка ќе порасне на 700 милиони до 2050 година. паг/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан