• сабота, 06 декември 2025

Миленкоски ќе го нема на располагање Маџунков за двомечот со Хрватска

Миленкоски ќе го нема на располагање Маџунков за двомечот со Хрватска

Скопје, 22 мај 2025 (МИА) - Селекторот на македонската одбојкарска репрезентација Јошко Миленкоски ќе смета на 15 репрезентативци за пријателските натпревари со Хрватска, закажани за претстојниот викенд во Марибор, Словенија. 

Со екипата нема да патува единствено средниот блокер Филип Маџунков. Тој е на подготовките заедно со репрезентацијата, но истовремено чека и мала хируршка интервенција на десното колено, па селекторот Миленкоски одлучи да го поштеди за контролниот двомеч.

По една недела подготовки во Струмица, репрезентацијата утре изутрина лета за Љубљана, па оттаму со автобус до Марибор, каде в сабота и недела ќе одигра два пријателски натпревари со Хрватска, која исто така темпира форма за настапот во ЦЕВ Европската Златна лига.

Натпреварите ќе се играат во „Драш спорт“ центарот во Марибор, в сабота од 18 часот, односно в недела од 17 часот.

За Македонија двомечот со Хрватска ќе биде единствената проверка на силата во пресрет на годинешниот настап во ЦЕВ Европската Златна лига. зс/

Фото: ОФМ

Остани поврзан