• понеделник, 23 декември 2024

Миленковиќ: Со „Профундис“ ќе ја прославиме величенствената класична музика

Миленковиќ: Со „Профундис“ ќе ја прославиме величенствената класична музика

Скопје, 19 септември 2024 (МИА) - Во големата сала на Филхармонија утревечер концерт ќе одржи виолинскиот виртуоз Стефан Миленковиќ со македонскиот камерен оркестар „Профундис“. Миленковиќ, ќе музицира заедно со „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.

На денешната прес-конференција во однос на програмата, маестра Дашиќ истакна дека ќе бидат изведени некои од најсложените дела од класичната музика кои се предизвик дури и за најдобрите музичари.

-Не секогаш ние изведувачите ја бираме програмата, ама утревечер, во Филхармонија, тоа ќе биде величенствена класична музика на композитори кои го одбележаа минатиот век, рече денеска српскиот виолинист.

Говорејќи за настанот, Миленковиќ ја изрази својата восхитеност од „Профундис“, истакнувајќи ја извонредната уметничка изведба и страста за музиката на оркестарот.

-Настапувањето со „Профундис“ ќе биде од мое големо задоволство. Нивната посветеност на совршенството и нивното суптилно разбирање на репертоарот ќе го направат овој настан вистинска прослава на музиката, изјави Миленковиќ.

Јане Бакевски од камерниот оркестар „Профундис“ на прес-конференцијата се заблагодари на публиката и на спонзорите за нивната несебична поддршка која е од огромно значење за поддршката на културата.

-Публиката е нашата инспирација, а поддршката од спонзорите значи живот за овој камерен оркестар и нови концерти, во поголема форма и со поголеми дострели, истакна Бакевски.

Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во државата, Националната опера и балет и Националната филхармонија.

Стефан Миленковиќ е српски виолинист, роден во 1977 година. На десетгодишна возраст настапувал пред личности како претседателот на САД Роналд Реган, советскиот лидер Михаил Горбачов, и папата Јован Павле II.

Неговата кариера е обележана со настапи на сцени како „Карнеги Хол“, Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, и „Марински“ театарот во Санкт Петербург. Во текот на својата кариера, Миленковиќ е добитник на наградите „Уметник на векот“ и „Најхумана личност“, а добитник е и на титулата „Личност на годината“.бт/аа/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан