• сабота, 23 ноември 2024

Милевски: Нови комбиња за корисниците на дневните центри во Североисточниот регион

Милевски: Нови комбиња за корисниците на дневните центри во Североисточниот регион
Скопје, 28 август 2021 (МИА) - Центарот за лица со посебни потреби во Крива Паланка добива свое комбе кое ќе ги превезува лицата кои тука престојуваат. Возилото е обезбедено преку проектот „Социјална инклузија на корисници на дневни центри за лица со посебни потреби и подобрување на социјалните услуги преку подобрување на нивниот транспорт“. Како што соопшти денеска Министерството за локална самоуправа, се обезбедени и две комбиња во останатите два Центри на североисточниот плански регион, во Куманово и Кратово, во износ над 120.000 швајцарски франци. - Конечно после долги години, наместо со такси или со било какво превозно средство, корисниците добиваат соодветен превоз. Овој проект е реализиран од страна на Министерството за локална самоуправа, преку програма со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, изјави министерот за локална самоуправа Горан Милевски. Тој појасни дека целта на проектот е подобрување на квалитетот на постоечките социјални услуги и создавање на предуслови за пристап кон услугите на поголем број на корисници, со посебно внимание кон ранливи категории на лица од Североисточниот регион. - Токму проектот овозможува услови за социјална инклузија на лицата од идентификуваните ранливи и маргинализирани групи на население кои подлежат на социјален ризик. Ние обезбедивме пристоен и квалитетен транспорт за корисниците на трите Дневни центри од Североисточниот плански регион, поточно овде во Крива Паланка, Куманово и Кратово, каде 80 лица ги користат услугите, а со ова ќе придонесе кон социјална инклузија на специфичните целни групи во општеството, рече министерот Милевски. Министерството за локална самоуправа и оваа година преку буџетот кој го креиравме, како што нагласи, ќе реализира проекти кои ќе бидат во осумте плански региони за да може да се овозможи подобар живот на граѓаните. На настанот присуствуваше и вицепремиерот Љупчо Николовски, кој заедно со Милевски ги врачија комбињата. мд/мч/

Остани поврзан