10 јуни 2024
-Заменик министерката за здравство Маја Манолева денеска остварила средба со дел од стручниот колегиум и претставници на лекарскиот колегиум од Универзитетската клиника за токсикологија. На средбата, како што соопштија од Министерството за здравство, било дискутирано за состојбата и функционирањето на Клиниката. Заменик министерката Манолева побарала од стручниот и лекарскиот колегиум да дадат предлог за именување на медицински директор, кој треба да ги исполнува условите согласно законот. Претставниците од Клиниката за токсикологија ја информираа заменичката дека во најбрзо време ќе се состанат и ќе достават предлог до Министерството за здравство.
-Институтот за акредитација на Република Северна Македонија (ИАРСМ) денеска, во рамки на настанот по повод Светскиот ден на акредитацијата, 9 Јуни, ќе добие награда за општествена одговорност и со тоа ќе биде првата државна институција која добила вакво признание. -На Институтот денеска ќе му биде доделена наградата за општествена одговорност. Ние сме прва државна институција што ја добива оваа награда зашто нашата работа е поврзана со подобрување на квалитетот во сите сегменти на живеењето, почнувајќи од стопанството, но се однесува и на здравјето, на безбедноста на храната, на заштитата на животната средина,..., изјави директорот на Институтот, Слободен Чокревски.
-Во првиот квартал од 2024, БДП се зголемил за 1.2 отсто на годишна основа, задржувајќи ја потиснатата економска динамика од 2023. Релативно воздржаната економска активност е резултат на две главни тенденции. Од една страна, извозот забележа релативно голем пад од 7.8 отсто, подлабок од тој во 2023. Од друга страна, приватната потрошувачка, која сочинува доминантен дел од БДП, порасна за 2 отсто, што претставува солиден раст кој го одразува високиот реален раст на платите (12.9 отсто), иако под просекот од претходната година, покажуваат податоците од Макроекономскиот монитор за првиот квартал од годинава што го објави Finance Тhink.
-Во Тирана од 11 до 13 месецов ќе се одржи 51. Регионална конференција на ИНТЕРПОЛ за Европа. - Министерството за внатрешни работи и Генералниот директорат на државната полиција во соработка со Генералниот секретаријат на ИНТЕРПОЛ – Меѓународната организација за криминалистичка полиција, ќе ја одржат 51-та Регионална конференција на ИНТЕРПОЛ за Европа во Тирана. Ќе учествуваат околу 200 претставници од агенциите за спроведување на законот на европските земји и пошироко, стои во соопштението на албанското МВР.
-Поранешниот британски премиер Тони Блер на денешната свечена седница во Собранието на Косово, изјави дека 25 години по ослободувањето, пред сé, во сеќавање му останале луѓето во бегалските кампови кај Скопје, кои беа преполни со раселени Косовари, јави дописникот на МИА од Приштина. Блер пред косовските пратеници рече дека времето му враќа многу сеќавања на „десетици политички преговори“, на „дипломатски заложби“ и на „остроумноста за донесување одлуки за време на војната“ и нагласи дека никогаш не се покајал за тоа што го помогнал Косово да се ослободи.
-Сите пратеници во Европскиот парламент имаат иста плата и според податоците од 2023 година таа изнесувала 10.075 евра бруто или 7.854 евра нето по одбивањето на даноци на ЕУ и придонесите за осигурување. Платата на европратениците е дефинирана со Статутот на пратениците во Европскиот парламент, а се пресметува од основната основна плата на судија на Судот на Европската унија, при што надоместокот на европратеникот е 38,5 отсто од таа плата. Покрај таа плата, европратениците добиваат и други бенефиции, па освен платата од 7.854 евра, можат да заработат и дополнителни неколку илјади евра.
-По добриот резултат на нејзината десно центристичка Европска народна партија (ЕПП) на европските избори што завршија вчера, актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се подготвува за второто полувреме од битката за нејзин реизбор на функцијата, јави дописникот на МИА од Брисел. Според последните изборни резултати, ЕПП освои 184 пратенички места, пред лево центристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 139 европратеници.