Скопје - Фиксен девизен курс и ниска и стабилна инфлација во рамки на таа во еврозоната, заштита на интересите на граѓаните и стопанството, најавува новиот гувернер на Народната банка Трајко Славески во видеоинтервју за МИА, прво по назначувањето на функцијата.
-Фиксниот девизен курс којшто добро и служеше на Република Македонија ќе остане и во наредниот период, да се надеваме на влез на Република Македонија во догледно време во Европската унија и подготовка за воведување на еврото со овој фиксен режим на девизен курс. Единствено што треба да се трудиме, што е и законска цел на НБРМ, во соработка со фискалната власт, односно Министерството за финансии, да обезбедиме ниска инфлација, односно стабилност на цените. Инфлацијата да биде во рамките на онаа во еврозоната, затоа што само така ќе одржуваме и конкурентност на нашата економија. Доколку како во изминатите неколку години имаме инфлација или стапка на инфлација двојно повисока од таа во еврозоната, тоа не е пожелна состојба. Мислам дека е императив, тоа, колку што имам информации е и цврста одлука, став на Владата, дека само ниска и стабилна инфлација која нуди предвидливост и за граѓаните и за бизнисот може да биде основа и поддршка на развојните политики во иднина кои ќе обезбедат стабилен посакуван раст на македонската економија и на среден и на долг рок, вели Славески за МИА.
Скопје - Секоја иницијатива поднесена од страна на пратениците, доколку е во согласност со Уставот и Деловникот и законите, ќе биде процесирана со целосно почитување на законите и демократските стандарди, се вели во писменото соопштение од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши во врска со поднесената интерпелација за претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски од пратеничката група на „Европскиот фронт“.
-Како што е јасно утврдено во член 47 од Деловникот на Собранието и член 72 од Уставот, пратениците имаат уставно загарантирано право да покренат интерпелација за работата на секој носител на јавна функција. Овие одредби не се предмет на слободно толкување, туку нивна примена. Претседателот на Собранието останува посветен на принципиелно и законито раководење, засновано врз уставниот поредок, институционалната непристрасност и доследно почитување на процедурите. Секоја иницијатива поднесена од страна на пратениците, доколку е во согласност со Уставот и Деловникот и законите, ќе биде процесирана со целосно почитување на законите и демократските стандарди, се наведува во соопштението.
Скопје - Заедничко задоволство од континуираниот развој на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Француската Република, со јасна определба за понатамошно продлабочување на соработката на политичко и економско ниво, било изразено на средбата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски со францускиот министер за Европа и надворешни работи на Француската Република, Жан-Ноел Баро.
На средбата, што се одржа во рамки на посетата на Муцунски во Париз, особен акцент бил ставен на унапредување на партнерствата помеѓу владите и бизнис-заедниците на двете земји.
-Министерот Муцунски упати искрена благодарност за брзата и принципиелна поддршка од Франција по трагедијата во Кочани, како и за доследната и силна поддршка од француската Влада за европската интеграција на Северна Македонија. Министерот Баро го реафирмираше ставот дека Франција ќе продолжи да биде гласен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и активно ќе придонесува кон остварување на стратешката цел – полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Скопје - Владата издвои почетни 30 милиони денари од резервите на Буџетот на државата, како првична помош и поддршка на повредените во пожарот во Кочани, што беа наменети за транспорт на 201 пациент до болниците во странство и враќање во државата, како и за престојот на нивните блиски кои им беа придружба, нагласи директорот на Службата за и општи и заеднички работи, Ивица Томовски на панел дискусијата „Кочани е нашиот приоритет“ што денеска се одржа во Владата.
-За седумте пациенти, кои сѐ уште се на лекување во странство, се покриваат трошоците за сместување и се надеваме наскоро тие ќе се вратат. До овој момент се потрошени околу 21 милион денари, но тоа не значи дека тука завршуваме. Државата стои на располагање сѐ до оној момент додека не добиеме јасна слика, да ги вратиме пациентите во Македонија и да ги излекуваме до крај, истакна Томовски.
Скопје - Добро е што сите вклучени во менаџирањето на кризата по пожарот во Кочани застанаа зад инцијативата хуманитарната помош за повредените да се акумулира на едно место и да се дистрибура согласно потребите, истакна генералниот секретар на македонскиот Црвен крст, Саит Саити на панел дискусијата „Кочани е нашиот приоритет“.
Нагласи дека од вкупно собраните средства досега се исплатени над 107,4 милиони денари, а на единствената солидарна сметка за исплата остануваат уште 49 милиони денари.
Скопје - Црвениот крст ангажираше меѓународна ревизорска куќа, која ќе направи ревизија на сметката за донации за трагедијата во Кочани, што од независен пристап и аспект ќе напарви детална анализа на приливите, одливите, начините на исплата и се останато за да останеме максимално транспарентни и отчетни, изјави генерален директор на Црвен крст Саит Саити.
Целта, како што појасни Саити на трибината „Кочани е нашиот приоритет“ е Црвениот крст да остане и понатаму доверлив партнер и транспарентне со оглед на големата доверба што ја доби, посочувајќи дека 158 милиони денари се околу 2,6 милиони евра, средства што Црвениот крст никогаш досега не мобилизирал.
Белград - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Србија и други балкански држави да примат мигранти депортирани од САД, јави Блумберг, повикувајќи се на извори запознати со преговорите, пренесоа српските медиуми.
Барањата до балканските држави да прифатат протерани мигранти од САД се во тек и се дел од поширока стратегија за наоѓање странски влади што се подготвени да прифатат мигранти, вклучително и оние кои влегле во САД под заштита на Џозеф Бајден, изјави извор за Блумберг кој сакаше да остане анонимен.
Атина – Волјата на Грција конструктивно да придонесе во координација со Република Кипар, за изнаоѓање сеопфатно, праведно и одржливо решение за кипарското прашање во рамките на соодветните резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис на средбата со личната претставничка на генералниот секретар на ОН за кипарското прашање Марија Анхела Олгин, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција, целта на денешната средба била да се разменат мислења во пресрет на претстојниот проширен неформален состанок за кипарското прашање што се очекува да се одржи во јули.
Москва – Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија ќе одговори на најновите украински напади на начин и во момент што армијата ќе го оцени како соодветен.
Украина за време на викендот со дронови нападна руски военовоздухопловни бази. Русија ја обвини Украина и за минирање на железнички мостови, при што загинаа седум луѓе.
Песков посочи дека претседателот Владимир Путин го нарекол Киев „терористички режим“ бидејќи „свесно била издадена наредба да се дигне во воздух патнички воз. Тоа не е ништо друго освен тероризам на државно ниво“.
Брисел – Белгија се приклучува кон Меѓународната коалиција што ја поддржува Украина во спроведувањето електронско војување, изјави белгискиот министер за одбрана Тео Франкен.
Коалицијата од 11 земји беше формирана пред два месеци за да им помогне на силите на Киев да ги подобрат своите комуникации, да се заштитат од напади со беспилотни летала и да ги надминат електронските попречувања.
Се очекува Естонија, Италија, Шведска и Турција да се приклучат на Коалицијата.
Брисел - Шпанија смета дека трошоци за одбраната на ниво од два проценти од БДП се доволни за да ги исполни обврските што ги има преземено, изјави денеска во Брисел шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес.
-Важно е секоја земја да може да ги исполни целите што си ги има поставено, изјави Роблес на маргините на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, на кој една од главните теми е зголемувањето на трошоците за одбраната.
Тбилиси – Владата на Грузија најави дека ќе го затвори Информативниот центар на Европска Унија и НАТО. Центарот ќе биде интегриран во Министерството за надворешни работи, а дел од персоналот веќе добиле откази.
Центарот е формиран, како што пишува на официјалната интернет страница, за „вклучување на населението во процесите на европска и евроатлантска интеграција на Грузија и обезбедување на нивна информирана поддршка“.
Центарот е отворен во 2005 година и се наоѓа во голема зграда на Плоштадот на слободата во центарот на Тбилиси и е украсен со знамиња на ЕУ, НАТО и Грузија.