• сабота, 23 ноември 2024
МИА Радиофлеш

13 октомври 2023 

- Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска ќе има средба со бизнис делегација од Република Кореја предводена од Јанг Сунг Мин, висок советник за стратегии на претседателот на Јужна Кореја.

Како што соопшти владината прес-служба, бизнис делегацијата од Кореја ја сочинуваат претставници на светски реномираните компании Hyundai, Samsung, LG, Лоте, и Корејската трговска и индустриска комора.

- Во првите шест месеци од годинава износост на портфолио-инвестиции* (вложувања на резиденти во странски хартии од вредност) изнесува 778,8 милиони евра, од кои 690,2 милиона евра се вложувања во сопственички, додека 88,6 милиони евра во должнички хартии од вредност, соопшти Народната банка.

Анализирано по земји, најголеми портфолио-инвестиции има во Соединетите Американски Држави во износ од 565 милиони евра, Германија во износ од 87,2 милиони евра и Франција во износ од 33 милиони евра.

- Економските перформанси на Република Северна Македонија се позитивни. Економијата се покажаа поотпорна од очекуваното во првата половина од оваа година, инфлацијата е на едноцифрено ниво, буџетските политики се реализираат согласно планираното, продолжува постепената фискална консолидација, а учеството на капиталните расходи од 5 отсто од БДП на годишно ниво ќе имаат значајна улога во генерирање економски раст. 

Ова беше констатирано на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Кун Давидсе и директорката на Светската банка за Западен Балкан Шиаочин Ју, која се одржа во Маракеш, Мароко во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ.

- Велешанката Ѓурѓа Рушкова и нејзиниот син во средата беа евакуирани од Израел со лет до Атина. Тие беа дел од групата 50 верници од различни држави кои беа на аџилак во светата земја. Таа за МИА со наплив на емоции ја раскажува голготата низ која поминале со нејзиниот син за да се вратат дома, откако се случи конфликтот на Блискиот Исток. 

Рушкова за МИА раскажува дека биле во неверување дека всушност се случува вистинска војна, и дека ништо не наговестувало дека ќе се случи такво нешто.

-Кога првпат пукна ние се наоѓавме во хотел во Витлеем, тоа е во палестинскиот дел. Појадувавме, сите бевме во ресторанот и наеднаш се слушнаа бомби. Ние бевме група од 50 верници на аџилак, кои требаше да бидеме 11 дена во Израел, да ги посетиме светите места во Израел. И кога на појадок слушнавме две гранати, бомби, се чудевме што не снајде ги прашуваме келнерите околу нас, и тие ни рекоа дека се е во ред и да не се грижиме, меѓутоа нешто навистина се случуваше, вели таа. 

Потоа се информирале на рецепција што се случува и им кажале дека има некаков напад.

- Државната комисија за спречување на корупција (ДКС) денеска ја одржува 93 седница на која се разгледаат повеќе предмети.

На почетокот од седницата се дискутираше  за повеќе известувања пристигнати до ДКСК во врска со минати и актуелни предмети, помеѓу кои и предмет поврзан со претставка која ја има поднесено пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.

На седницата се разгледуваат и неколку предмети кои се однесуваат на извршувањето на надлежностите на општините во делот на инспекцискиот надзор за што дел од членовите се согласија дека нема видливи напори од градоначалниците за справување со дивоградбите.

- Групата за заштита на човекови права Амнести интернешнел денеска го повика Израел „веднаш“ да ја укине блокадата на Газа, велејќи дека „колективната казна“ на цивилите за терористичките злосторства на Хамас е воено злосторство.

Блокадата на Израел на густо населената територија „го потона Појасот Газа во темнина и ќе ја влоши тековната хуманитарна катастрофа“, се вели во соопштението на Амнести.

- Колективното казнување на цивилното население во Газа е воено злосторство – тоа е сурово и нехумано, се вели во документот.

- Во текот денот се очекува да биде организиран бесплатен авионски превоз за граѓаните кои побарале помош и евакуација од Израел. Во услови на целосно откажани летови и блокиран авио транспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Air Serbia“ за транспорт на граѓаните кои побарале помош, соопшти вчера Владата посочувајќи дека трошоците за летот ќе бидат покриени од Буџетот.  

Согласно одлуката донесена од страна на Владата, организиран е авионски превоз со чартер лет, на релација Тел Авив - Скопје, заради евакуација на сите државјани на Република Северна Македонија кои сакаат да го напуштат Израел, и кои побарале да се вратат во Северна Македонија.

Во насока на ефикасна организација на авионскиот превоз, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво - Тел Авив обезбеди список и информации за македонските државјани кои се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Република Северна Македонија.

- Под овие услови ниту сега, ниту во иднина нема да се согласиме Бугарите да влезат во Уставот, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во утринската емисија на радио „Лидер“, Мицкоски посочи дека додека е претседател на ВМРО-ДПМНЕ и доколку не дојде до промена на условите, без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ ја води Владата или не ја води Владата нема да се случат промени, како што вели, од принципиелни причини. 

Според Мицкоски, досега Бугарија нема покажано добра волја кон нашата држава.

-Што е тоа што ќе покаже Бугарија како знак на добра волја дека навистина во иднина нема да има било каква било каква опструкција кон Македонија. Што е тоа што Бугарија го покажа и го манифестираше? Јас од таму не гледам сигнали освен тоа што молчат, рече Мицкоски.

- Агенцијата за управување со одземен имот соопшти дека е започната постапка за  враќање на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот премиер Никола Груевски. Станува збор за станови, апартмани и градежно земјиште кои му се одземени со правосилни судски одлуки. 

- Со влегувањето во владина постапка започна враќањето на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот премиер Никола Груевски. Станува збор за два стана кои што се наоѓаат на ул.Бихаќка еден од 65м2, другиот од 44м2 на КО Кисела Вода 1, одземени со правосилна пресуда III KOK.бр.63/21 од Основен кривичен суд Скопје. Покрај овие два стана одземени се и три апартмани во Панорама Резиденс, како и градежно земјиште во КО Центар и градежно земјиште во КО Норово за кои што исто така, во најкратко време, ќе бидат ставени во постапка за продажба, објави на својата фејсбук страница Агенцијата за управување со одземен имот.

- Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска пристигна во Тел Авив, каде што треба да се сретне со неговиот израелски колега и премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Остин го пречека израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.

Висок американски функционер претходно изјави дека Остин со нетрпение очекува детално да разговара со израелските лидери за нивното оперативно планирање и нивните цели за конфликтот како одговор на бруталниот напад на Хамас. 

- САД денеска го организираат првиот лет за враќање на своите државјани од Израел.

Портпаролот за националната безбедност Џон Кирби рече дека исто така ќе се бараат други начини да им се помогне на граѓаните да си заминат, по копно или море.

Други земји како Аргентина, Франција, Јужна Кореја, Австралија и Канада, меѓу другите, ги евакуираат своите граѓани од Израел во текот на целата недела.

Јапонија, исто така, соопшти дека во текот на викендот ќе испрати чартер лет во Израел за да ги евакуира јапонските граѓани. Во Израел има околу 1.300 Јапонци, но е познато колку од нив веќе заминале со комерцијални летови. 

 - „Унгарија нема да дозволи никакви собири за поддршка на терористичките организации“, изјави утрово унгарскиот премиер Виктор Орбан на јавното радио, додавајќи дека сите унгарски граѓани треба да се чувствуваат безбедно, без разлика на нивната вера или потекло.

- Шокантно е тоа што симпатизери на терористите одржуваат протести низ цела Европа, рече Орбан.. - Имаше обиди дури и во Унгарија. Но, нема да дозволиме собири на сочувство кои поддржуваат терористички организации бидејќи тоа би значело терористичка закана за унгарските граѓани“, додаде тој, алудирајќи на пропалестинските пртести што се одржуваат во светот.

 - Четири лица поврзани со копање тунел и упад во депото на Вишиот суд во Подгорица се уапсени по распит, соопшти шефот на Основното државно обвинителство во Подгорица, Душко Милановиќ.

Министерот за внатрешни работи на Црна Гора Филип Аџиќ синоќа соопшти дека четири лица се на распит во Основното државно обвинителство, јави РТЦГ.

- Во јапонскиот град Нара денеска со прелиминарно рочиште почнува судскиот процес против Тецуја Јамагами, атентаторот на поранешниот јапонски премиер Шинѕо Абе.

Судењето на четириесетгодишниот Јамагами, кој е обвинет за убиството на шеесет и седумгодишниот Абе со рачно изработенa двоцефка на 8 јули минатата година, ќе биде затворено за јавноста и за медиумите.

Процесот требаше да започне во јуни годинава, но беше одложен со цел да се зголемат безбедносните мерки, бидејќи на адресата на Окружниот суд во Нара пристигна сомнителна кутија, која мораше да ја прегледа полициската екипа за отстранување на експлозивни направи.

- Европа треба да работи заедно со Кина, а Пекинг треба да работи заедно со САД, изјави денеска високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел. Тој додаде дека во овој момент таквата потреба е поголема од кога било.

- Моето прашање до Кина е како да ја направиме оваа меѓузависност помалку конфликтна, рече Борел во говорот на Универзитетот во Пекинг како дел од неговата тридневна посета на Кина.

Посетата на Борел на Кина се случи неколку дена по избувнувањето на војната меѓу Хамас и Израел, во врска со која дипломатот број еден свика итен состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ. Кина од своја страна ги повика сите страни во конфликтот да го прекинат огнот.

- Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, изјави дека САД „ќе преземат акција“ кога ќе се утврди „кој стои зад нападот“ во градот Бањска на северот на Косово на 24 септември.

Ховениер тврди дека оружјето што го имале напаѓачите не можело да се купи на локалниот пазар. Во интервју за Гласот на Америка, тој го повтори барањето Србија да соработува за „целосно расветлување на настаните и изведување на сторителите пред лицето на правдата“.

Ситуацијата на северот на Косово ја оцени како „кревка“ по настаните во Бањска. „Ние сè уште сме загрижени за безбедносната ситуација, а САД и нашите партнери презедоа чекори, бидејќи бевме длабоко загрижени за она што се случи во Бањска и за безбедносната ситуација на север“, рече Ховениер.

- Најмалку седум лица загинаа, а десетици се повредени, од кои некои потешко, кога маж за кој се сомнева дека е шверцер на мигранти изгубил контрола над своето комбе додека се обидувал да побегне од полициска потера, соопшти денеска германската полиција.

Во соопштението се вели дека несреќата се случила на автопатот А94 источно од Минхен, откако возачот на комбето почнал да забрзува по полициската потера, поради што возилото се превртело неколку пати.

Во комбето имало околу 20 мигранти, меѓу кои и деца, соопшти полицијата.

Германските власти минатиот месец воведоа нови гранични контроли со Полска и Чешка.

Во Германија бројот на барања за азил е зголемен за 78 отсто во првите седум месеци од оваа година, покажуваат официјалните податоци.

- Претседателките на Европската комисија и на Европскиот парламент, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола денеска ќе го посетат Израел, соопшти ЕК. 

Во кусото соопштение се додава дека целта на посетата е „да изразат солидарност со жртвите на терористичките напади на Хамас“. 

Предвидено е Фон дер Лајен и Мецола да се сретнат и со претставници на израелските власти. 

- Потпретседателот на Европскиот парламент и австриски европратеник со најдолг пратенички стаж, Отмар Карас соопшти дека има намера да се повлече од ЕП по 25 години служба, јави дописникот на МИА од Брисел. 

- По 25 години минати во Европскиот парламент, нема да се кандидирам одново на претстојните европски избори, соопшти Карас.

- Министерството за надворешни работи на Велика Британија ги повика луѓето во градот Газа да ги следат наредбите за евакуација.

Израелската армија претходно им порача на тамошните цивили, околу 1,1 милион луѓе, да се евакуираат во јужниот дел на Газа во рок од 24 часа поради нивна безбедност.

- Израелската војска утринава соопшти дека целото население на Газа северно од Вади во Газа треба да се пресели во јужниот дел на Газа во следните 24 часа. Ве советуваме да ги следите овие совети издадени од израелските власти. Свесни сме дека ова е брзо менување на ситуацијата и претставува значителни ризици, се вели во соопштението на Форин Офисот.

Како причини за ваквата одлука Карас ги наведе „свртувањето в десно“ на неговата демохристијанска Австриска народна партија (ОВП) и „недостигот на конструктивен ангажман на Австрија во Унијата“. 

Според него, од движечка сила во ЕУ, Австрија сега се претворила во една од земјите што го попречува напредокот на Унијата, посочувајќи го како пример ветото на Виена на приемот на Бугарија и Романија во Шенген зоната. 

- Русија ги засили артилериските напади врз Херсон, убивајќи цивили и предизвикувајќи голема штета, а руските сили го погодија тој регион во јужна Украина 100 пати во 24 часа, изјави денеска гувернерот на Херсон Олександр Прокудин.

Украинската војска соопшти дека Москва продолжува со обидите да го заземе Авдијивка, град во близина на Доњецк кој е под руска контрола, пренесува РСЕ.

Прокудин изјави дека руските сили користеле артилерија, минофрлачи, тенкови и беспилотни летала за да ја нападнат областа и нејзиниот главен град Херсон, кој бил погоден 49 пати.

Две лица загинаа, а шестмина се ранети, од кои едно дете“, рече Прокудин, додавајќи дека во нападите биле уништени образовни објекти, куќи, станбени блокови, медицинска установа и индустриска платформа во областа Берислав во Херсон.

Херсон, кој украинските војници делумно го ослободија пред една година, постојано е цел на руски артилериски напади од другата страна на Днепар.

-Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска се состана со јорданскиот крал Абдула во Аман, втората станица од неговата најобемна турнеја на Блискиот Исток досега додека Израел се подготвува за копнена офанзива во Газа, и ги повика луѓето во градот Газа да се евакуираат кон југот.

Во моментов во тек е средба со палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Обединетите Нации соопштија дека би било невозможно евакуацијата да се изврши „без катастрофални хуманитарни последици“.

Блинкен вчера го посети Израел и разговараше со премиерот Бенјамин Нетанјаху за конфликтот.

Американскиот претседател Џо Бајден го испрати својот висок дипломат во регионот, зафатен со најсериозната ескалација во последните години, по нападот на палестинските милитанти на Хамас кои низ израелските градови убија 1.300 Израелци.

- Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан разговараше за нестабилната ситуација на Блискиот Исток со лидерот на терористичката група Хезболах.

Во соопштението на Хезболах се вели дека Амирабдолахиан и генералниот секретар на Хезболах Хасан Насрала се состанале во Бејрут рано утрово за да разговараат за „израелската агресија врз Газа и бруталните злосторства извршени врз нејзиниот народ“.

„Тајмс оф Израел“ потсетува дека постои загриженост дека Хезболах кој е поддржан и вооружен од Иран, може да се приклучи на војната со Израел. Во изминатите денови се забележани спорадични акти на насилство долж либанско-израелска граница каде што ситуацијата е затегната.

- Турското Министерство за надворешни работи ги предупреди своите граѓани во Либан да се држат подалеку од југот на земјата поради „развојот на настаните“, бидејќи се зголемуваат тензиите меѓу Израел и терористичката група Хезболах.

- На нашите граѓани во Либан им се советува да бидат претпазливи и, доколку е можно, да се држат настрана од областите јужно од реката Литани, нагласи турското МНР.

- Терористичката група Хамас во кратко соопштение денеска објави дека лансирала најмалку 150 ракети кон Ашкелон. Според израелски медиуми, активиран е системот за ПВО и видливи се пресретнувања на ракети небото над градот.

Во изминатите 14 часа немаше испукани ракети од Хамас кон територијата на Израел.

Вооруженото крило на Хамас, Бригадите Ал Касам, претходно соопшти дека во израелските напади врз Газа во изминатите 24 часа биле убиени 13 заробеници.

Шест од заложниците биле убиени во напади на две одделни локации во северниот округ и уште седум загинале во нападите што погодија три локации во областа Газа.

Останува нејасно точно колку израелски заложници зеде Хамас кога го изврши својот упад на територијата на Израел од саботата.

Остани поврзан