• недела, 22 декември 2024
МИА Радиофлеш

19 февруари 2024

- Во периодот декември 2023 година и јануари 2024 година до Уставниот суд се поднесени 98 иницијативи по коишто се формирани нови предмети предмети за работа. Уставниот суд за одредени предмети објави посебни соопштенија во моментот на нивно формирање поради интерес во јавноста, а дел од нив веќе ја завршија и фазата на претходна постапка.

- Вчерашната агенда на министерот за надворешни работи, Бујар Османи продолжи и со посета на Генералниот конзулат на Република Северна Македонија во Венеција, каде што од сега има дополнителна реорганизација на работата со цел излегување во пресрет на што е можно поголем број наши државјани и скратување на нивното време на чекање за издавање патни исправи, информираат од Министерството за надворешни работи.

Од сега, според МНР, Генералниот конзулат во Венеција, ќе работи во две смени, како и во сабота и недела. Овој распоред на работно време во Конзулатот ќе трае се до нормализирање на ситуацијата и намалување на барањата на нашите државјани за конзуларни услуги.

Како што информираат од МНР, мобилната станица, која се користи во Генералниот конзулат во Венеција, согласно однапред утврден распоред се користи и во Амбасадата на Република Северна Македонија во Рим и во Малта. Османи побарал од дипломатите во претставништво да вложат повеќе напори, со цел да се скрати времето на чекање при поднесување на барање и подигнување на патните исправи.

- Мобилен тим на Царинската управа спречил шверц на 3590 таблети трамадол откриени во личен багаж на еден патник при контрола на автобус на граничен премин Табановце.

Случајот, соопштија денеска од Царина, е откриен на излез од државата, а автобусот сообраќал на редовна линија Македонија-Данска. Против патникот, инаку македонски државјанин, е поднесена соодветна пријава.

- Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел денеска најави дека на европските министри учесници на заседанието на Советот за надворешни работи ќе им предложи режимот на санкции на Унијата воведни поради непочитување на човековите права да биде именуван по името на починатиот руски опозициски лидер Андреј Навални. 

Борел најави дека на заседанието на Советот ќе присуствува и сопругата на Навални, Јулија Навалнија, која ќе упати политичка порака за тоа како да се поддржи опозицијата во Русија против режимот на претседателот Владимир Путин. 

- За време на викендов многу луѓе демонстрирана на улиците на Русија, во Санкт Петербург и Москва против репресијата. Многу од нив се приведени и осудени и ние мора да им изразиме политичка поддршка, изјави Борел пред почетокот на заседанито на Советот. 

– Грците, кои на европските избори на 9 јуни ќе одберат гласање преку пошта, од денеска можат да се пријават на соодветната платформа, која ќе остане отворена до крајот на април, јави дописничката на МИА од Атина.

Поштенското гласање, кое на крајот на јануари беше изгласано од Парламентот и ќе важи само за европски избори и референдуми, за првпат се воведува во земјата и се однесува на сите грчки граѓани, кои се запишани во избирачките списоци и сакаат да го остварат своето право на глас по пошта, без разлика дали живеат во Грција или во странство.

Грците кои живеат во странство ќе гласаат исклучиво преку поштенско гласање, додека гласачите во внатрешноста на земјата ќе можат да одберат како ќе го остварат правото на глас или на избирачките места како досега или со гласање по пошта, под услов навремено да се пријават, а паралелно не постојат критериуми кои ја ограничуваат конкретната можноста.

- Против Република Хрватска е поднесена тужба вредна над 35 милиони евра поради заплена на јахтата „Кралска романса“ („Royal Romance“) во сопственост на компанијата „Ланелија холдингс“ (Lanelia holdings) на рускиот претприемач со недвижности Алексеј Инкин.

Јахтата е блокирана во пристаништето Трогир на барање на украинското обвинителство. Тоа ја поврзува со Виктор Медведчук, моќен руски тајкун против кого во Украина се води предистражна постапка. Блокадата на јахтата е побарана за да се врати наводната штета предизвикана од Медведчук.

Адвокатите на Инкин дека јахтата „Кралската романса“ била задржана во Хрватска како дел од процесот против Медведчук.

- Земјотрес со јачина од 4,2 степени според Рихтеровата скала го погоди главниот град на БиХ - Сараево утрово околу 09:20 часот. 

Епицентарот на земјотресот е регистриран на 10 километри северно од Сараево на длабочина од шест километри.

Граѓаните на Сараево и неговата околина пишуваат на ЕМСЦ дека земјотресот бил почувствуван силно и траел неколку секунди, пренесува Кликс.

- Германското Министерство за одбрана испорача на Украина оклопни возила кои се целосно непогодни за борба и купени по надуени цени, пишува германскиот весник Билд.

На почетокот на јуни 2023 година, Министерството потврдило за германскиот весник дека Германија ќе и испорача 66 оклопни возила на Украина. Од нарачката се исклучени оклопните возила Reihnmetall, кои се потешки и позаштитени. Како резултат на тоа, Министерството за одбрана се одлучи за оклопни транспортери,  произведени од Flensburger Fahrzeugbau.

Овие оклопни транспортери се развиени во Соединетите Американски Држави, нивното оригинално име е Batt Umg и се произведуваат во различни земји под американска лиценца.

- На мајката на Алексеј Навални, не и било дозволено да влезе во мртовечницата во рускиот град Салехард.

Портпаролката на починатиот руски опозиционер, Кира Јармиш на платформата Икс објави дека на мајката на Навални не и било дозволено да влезе во мртовечницата и не добила одговор на прашањето каде е телото на нејзиниот син.

- Еден од адвокатите беше буквално истуркан, наведе Јармиш.

- Во Јапонија се одржува конференција за економска обнова на Украина по руската воена инвазија, на која учествуваат јапонскиот и украинскиот премиер, Фумио Кишида и Денис Шмигал.

Јапонија ја поддржуваше и продолжува да ја поддржува Украина, истакна Кишида на форумот.

Тој најави дека Јапонија преговара со Украина за склучување билатерален инвестициски договор, но не откри детали. Двете земји веќе постигнаа договор за избегнување на двојното оданочување.

Јапонија се обврза да и обезбеди на Украина финансиска помош во износ од повеќе од 10 милијарди долари. Токио не може да му обезбеди оружје и муниција на Киев, бидејќи законодавството на азиската земја не дозволува извоз на оружје. 

– Речиси 100.000 граѓани на Косово поднеле барање да добијат пасош, од кои над 55.000 по првпат, од почетокот на јануари годинава, кога беа укинати Шенген-визите за косовските државјани, јави дописникот на МИА од Приштина.

Долги редици граѓани во текот на овие два месеца се забележани пред канцелариите за матична евиденција за да добијат патна исправа, а како последица на тоа и чекањето за негово издавање се оддолжи и до еден месец, од 15 дена колку што беше порано и колку што е предвидено со закон.

Директорот на Агенцијата за матична евиденција, Блерим Цамај, за јавниот сервис на Косово, РТК, изјави дека само од 3 јануари до 13 февруари годинава, 55.410 граѓани по првпат побарале пасош.

- Минатата година се пријавија околу 300.000 граѓани кои добија пасош. Зголемувањето на барањата почна во декември кога се пријавија 36.000 граѓани. Но, растот продолжува и оваа година. Во јануари се пријавиле 71.000, а во февруари 27.000 граѓани, изјави Цамај.

-  Познатиот новинар и поранешен косовски пратеник  Милаим Зека за албанската телевизија Топ чанел изјави дека е лажна информацијата за можен обид за атентат врз премиерот на Косово Албин Курти.

Според него, да било тоа вистина, Курти немало да се појави пред новинарите.

- Албин Курти деновиве отиде во Северна Македонија и креираше лажна вест дека српско-руските сили против него подготвувале обид за атентат, пренесувана преку Јавната радио и телевизија на Косово. Доколку постоела реална закана по животот на премиерот, прво не би смеел да излезе пред новинари, ќе се изврши замена на автомобилот со кој се движи и ќе се смени патот на враќање во Косово, вели Зека.

- Воената хунта на Мјанмар осуди тројца високи воени команданти на смрт поради што минатиот месец го напуштиле и го предале стратешкиот град Лаукаи на бунтовниците.

Портпаролот на воената хунта на крајот на јануари потврди дека шест воени претставници биле приведени по загубата на градот Лаукаи.

По неколкунеделни борби, стотици војници ја предадоа контролата врз градот на бунтовниците, кои почна ненадеен напад на крајот на октомври минатата година.

Остани поврзан