• сабота, 23 ноември 2024
МИА Радиофлеш

2 октомври 2023

- Индустриското производство во август годинава во однос на август минатата година е намалено за 5,1 процент, а во периодот јануари – август годинава во однос на периодот лани е зголемено за 0,3 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во август годинава во однос на август лани, индустриското производство бележи опаѓање во секторите Рударство и вадење на камен, од 8,5 проценти, и во Преработувачка индустрија,  од 5,5  проценти, а пораст во Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 5,7 проценти.

- Во трговијата на мало, во август годинава во споредба со август минатата година, гледано по групи и класи, зголемување на прометот е забележано само кај номиналната стапка во групата Трговија на мало со непрехранбени продукти, освен гориво за 3.9  проценти.

Како што објави Државниот завод за статистика, кај останатите групи е забележан пад и на номиналната и на реалната стапка и во: Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун (номинално за 4,7  проценти, а реално за 12,9  проценти), Трговија на мало, освен трговија со горива (номинално за 0,6 проценти, а реално за 8,2 проценти) и во Трговија на мало со автомобилски горива (номинално за 18,8 проценти, а реално за 9,8 проценти). 

- Криминалистичката полиција при СВР Битола до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против П.Ј.(37) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривични дело „насилство“ по член 386 од Кривичниот законик.

Од МВР денеска соопштија дека на 30.09.2023, во угостителски објект во комплекс „Нов пазар" во Битола, пријавениот физички го нападнал И.В.(38) од Битола, при што употребил дрвен предмет. По преземени мерки, полициски службеници го пронашле и привеле пријавениот. Тој бил изведен пред судија на претходна постапка, кој му определил мерка притвор. 

- На наплатната станица Градско, вчера во 15.20 часот полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции во Биро за јавна безбедност го привеле К.Ц.(23) од неготинското село Тимјаник. 

При преглед во патничкото возило „мерцедес“, кое го управувал, информираа денеска од МВР, била пронајдена и одземена акцизна стока, односно 17 туби со вкупно 320 литри алкохолен пијалак без никакви документи. Лицето било задржано во полициска станица, а за настанот била известена Царинската управа.

По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

– Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел денеска ги покани министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ на состанок во Киев. Тоа ќе биде прва таква средба што ќе се одржи надвор од ЕУ. 

- Денеска ги повикувам министрите за надворешни работи на ЕУ во Киев, на првиот состанок на сите 27 земји членки надвор од ЕУ. Иднината на Украина е во ЕУ, напиша Борел на Х. 

Тој претходно истакна дека од средбата не треба да се очекуваат одлуки, бидејќи се работи за неформален состанок, кои најчесто се посветени на подлабоки политички дискусии, а не на носење конкретни одлуки. 

Запрашан дали на состанокот ќе биде донесена одлука за доделување помош од 20 милијарди евра за Украина, тој наведе дека одлуката ќе биде донесена, но не прецизираше кога. 

- Словенечката министерка за надворешни и европски работи Тања Фајон, министерот за европски и меѓународни прашања на Австрија Александар Шаленберг и хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, во заедничка изјава наведуваат дека интегрирањето на Западен Балкан треба да биде геостратешки императив. Посочуваат дека сегашната геополитичка ситуација е можност и за ЕУ и за Западен Балкан да покажат поголема стратешки предвидливост, целосно да го вратат својот кредибилитет при проширувањето и да ја зајакнат меѓусебната доверба, од која некои беа изгубени со текот на годините.  

Во продолжение следува интегралната изјава на тројцата министри: 

- Овогодинешната сезона на доделување на Нобеловата награда започнува денеска, со објавување на наградата за медицина, првата од шесте категории.

Нобеловиот комитет на Институтот Каролинска во Стокхолм околу 11:30 часот треба да го именува добитникот или добитниците на наградата за медицина. Во минатото, имаше многу случаи на доделување на неколку научници во иста година, на пример оние кои работат во исто поле на медицински истражувања. Од првата награда во 1901 година, вкупно 225 луѓе ја добиле Нобеловата награда за медицина.

Сепак, минатата година наградата отиде во рацете на еден лауреат: шведскиот генетичар Сванте Пабо беше награден за неговите револуционерни откритија за човечката еволуција.

- Косовскиот премиер Албин Курти денеска соопшти дека косовската полиција потврдила дека „терористичкиот напад“ во Бањска, општина Звечан, бил дел од поширок план за анексија на северот на Косово, јавува Анадолија.

„Врз основа на одземените документи, косовската полиција потврди дека терористичкиот напад бил дел од поширок план за анексија на северот на Косово преку координиран напад на 37 различни позиции. Би следело формирање коридор кон Србија, за да се овозможи снабдување со оружје и војници“ напиша Курти на X (Твитер).

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља денеска на прес-конференција изјави дека целта на „терористичкиот напад на Србија“ во Бањска е анексија на северот на Косово, пренесоа косовските медиуми.

- Глобалниот индекс на мир (GPI) го претстави годишното рангирање на најбезбедните земји во светот, составено од Институтот за економија и мир, според кое најбезбедна земја во светот за 2023 година е Исланд. На оваа листа Република Северна Македонија е на 38 место. 

Најбезбедна земја во светот и за 2023 година е Исланд. Оваа земја во Северна Европа е на врвот на овој список секоја година од 2008 година. Данска е втора на листата, делумно поради ниското ниво на владина корупција, а трета е Ирска, којашто скокна за пет места во однос на лани.

Говорејќи за земјите од Балканот, најдобро, највисоко оценета е Словенија - на место бр. 8., Хрватска е 14-та, а Бугарија е на 30. позиција. Подолу од македонската држава на списокот се наоѓаат Црна Гора - на 45. место, Грција (60), Босна и Херцеговина (61), а Србија е 65-та, што ја прави најлошо позиционирана земја на Балканот.

- Владата на Црна Гора од денеска најави намалување на цените на повеќе од сто артикли во рамките на акцијата „Стоп на инфлацијата 100 плус“, што ќе трае до крајот на годината.

Црногорското Министерство за економски развој и туризам, во соработка со претставници на трговските синџири, дистрибутери, како и други заинтересирани субјекти, договорија продолжување на акцијата „Стоп за инфлацијата“ под името „Стоп за инфлацијата 100 плус“, чија цел е заштита на животниот стандард на граѓаните и намалување на инфлацијата.

Трговците се должни да дефинираат список од најмалку 100 производи за кои ќе ги намалат цените со утврдување максимална маржа на мало и големо од пет проценти, додека за трговците со помалку од 100 вработени антиинфлациската кошничка подразбира листа од најмалку 50 производи.

- Најмалку едно лице загина, а шестмина, од кои две деца, се повредени во синоќешното руско гранатирање на областа Херсон во јужна Украина.

Гувернерот на Херсонската област, Олександр Прокудин на Телеграм објави дека во изминатите 24 часа руските сили извршиле 71 напад чија цел биле населени области, продавници и медицинска инфраструктура.

Прокудин наведе дека цел на 20 од воздушните и копнените напади бил административниот центар на регионот – градот Херсон.

Украинската новинска агенција Укринформ објави дека двете повредени деца се сестри на возраст од 13 и 12 години, како и нивната мајка. 

- Синот на Евгениј Пригожин, 25-годишниот Павел Пригожин, презема чекори за да ја преземе командата со групата „Вагнер“, објави Институтот за проучување на војната, објави Скај њуз.

Тој преговара со руската национална гарда Росгвардија во врска со повторното вклучување на оваа платеничка организација во борбите во Украина, пренесува ИСВ, повикувајќи се на профил на Телеграм поврзан со групата.

Тие цитираа извор од „Вагнер“ кој извести дека преговорите меѓу Павел Пригожин и Националната гарда вклучиле паравоена група која го задржала своето име, симболи, идеологија, команданти и управување.

- Повеќе од сто делфини се пронајдени мртви во Бразил, а можна причина за тоа е историската суша што ја погоди земјата и рекордно високите температури на водата, кои надминаа 38 степени.

Мртвите речни делфини се пронајдени во езерото Тефе во последните седум дена, соопшти Институтот Мамирауа, истражувачки објект под покровителство на Министерството за наука.

Од Институтот наведоа дека толку голем број на загинати единки е невообичаен и дека причина може да бидат рекордните температури на водата, но и сушата.

-Сè уште е рано да се утврди причината за ваквата екстремна појава, но според нашите експерти, тоа секако е поврзано со сушниот период и високите температури во езерото Тефе, кои на некои места надминаа и 39 степени Целзиусови, соопштија од Институтот.

- Глобалниот индекс на мир (GPI) го претстави годишното рангирање на најбезбедните земји во светот, составено од Институтот за економија и мир, според кое најбезбедна земја во светот за 2023 година е Исланд. На оваа листа Република Северна Македонија е на 38 место. 

Најбезбедна земја во светот и за 2023 година е Исланд. Оваа земја во Северна Европа е на врвот на овој список секоја година од 2008 година. Данска е втора на листата, делумно поради ниското ниво на владина корупција, а трета е Ирска, којашто скокна за пет места во однос на лани.

Говорејќи за земјите од Балканот, најдобро, највисоко оценета е Словенија - на место бр. 8., Хрватска е 14-та, а Бугарија е на 30. позиција. Подолу од македонската држава на списокот се наоѓаат Црна Гора - на 45. место, Грција (60), Босна и Херцеговина (61), а Србија е 65-та, што ја прави најлошо позиционирана земја на Балканот.

- Претпладнево, околу 10:30 часот умерен земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала е регистриран на седум километри од Груд, во Босна и Херцеговина.

Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC), земјотресот бил со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала на длабочина од осум километри.

Земјотресот е регистриран на седум километри од Груд и на 39 километри од Мостар.

Според сведоштвата на граѓаните, земјотресот бил силен и траел 10-15 секунди.

Засега нема информации за материјална штета ниту за евентуални жртви.

- Скандал ја потресува Католичката црква во Полска откако минатата недела во градот Даброва Горница свештенците организирале „секс забава“ со машка проститутка.

„Газета Виборча“ објави дека „забавата излегла од контрола и машката проститутка изгубила свест“, поради што била повикана брза помош, но кога пристигнале болничарите, им било забрането да влезат во просториите. Болничарите потоа наводно повикале полиција, која им помогнала да стигнат до човекот кој бил бессознание.

Портпаролот на локалното обвинителство за весникот изјави дека е почната истрага за евентуално не укажување помош на лице чие здравје е загрозено, што е кривично дело казниво до три години затвор.

Настаните потоа добија дополнителен драматичен пресврт кога маж ги запали вратите на базиликата во парохијата каде што се случи инцидентот. Пожарникарите го изгаснале пожарот и нема повредени. Полицијата подоцна приведе маж осомничен за подметнување на пожар.

Остани поврзан