МИА Општински пул
- 14 ноември 2025
14 ноември 2025
Битола - Министерството за одбрана и вооружени сили на Република Франција денес во Битола го одликуваше со Сребрен медал за национална одбрана, полковникот Кире Николовски.
На свечена церемонија што се одржа во присуство на амбасадори и претставници на амбасади од повеќе европски држави, како и делегација на Општина Битола, полковникот Кире Николовски беше промовиран како високо стручна личност, претставник на вооружените сили на Република Северна Македонија.
Виница - Градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадинивски денес го именуваше советникот Орце Христовски на функцијата заменик градоначалник.
Неговото именување има за цел унапредување на координацијата на градските политики и поефикасна реализација на приоритетните проекти.
Орце Христовски е дипломиран професор по географија со долгогодишно искуство во приватниот сектор и во Агенцијата за вработување на Република Македонија, каде беше раководител од 2014 до 2019 година.
Крива Паланка - Со цел овозможување масовно и директно вклучување на граѓаните и различни целни групи во транспарентно креирање на буџетот за следната година, Општина Крива Паланка отпочна повеќе инклузивни и транспарентни процедури и алатки, преку кои секој заинтересиран граѓанин може да даде свој придонес во креирањето на буџетот.
Општина Крива Паланка го започнува процесот на подготовка на буџетот за 2026 година што ќе се изработи во партнерство со граѓаните: транспарентно, отчетно и инклузивно.
-За таа цел вклучуваме различни алатки: низ партиципативен процес, ќе организираме родово одговорен буџетски форум на кој можат да учествуваат сите заинтересирани граѓани, каде што ќе се разгледуваат потребите и приоритетите на различни групи граѓани, со посебен фокус на родовата еднаквост и инклузивноста во распределбата на буџетските средства. Ќе се спроведе онлајн анкета за доставување предлози, идеи и приоритети за буџетот, а анкетата е на достапна на веб-страната на општината и ќе се реализираат отворени денови во рамки на „Недела на идеи и предлози за буџетот 2026“, информира службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.
Прилеп - Прилепскиот тутунски комбинат во вторник, на 18 ноември, ги отвора вратите за откуп на тутунот на 34 пункта во земјава. Ќе преземе 2.300 тони тутун и ќе исплаќа двапати неделно. Цените по класи се поголеми за 5 проценти од другите откупувачи.
-Подготвени сме за откуп на договорениот тутун со кооперантите. Во вторник ќе бидат отворени вратите за откуп на 34 места со регистрирани 37 ваги. За годинава имаме договорено за откуп на 2.300 тони што е повеќе од лани кога откупивме 1.800 тони тутун. Имаме обезбедно средства за исплата која ќе севрши двапати неделно. Цената по класи е дефинирана уште од март месец и е за 5 проценти поголема од другите откупувачи. Првата класа тутун е 420, втората 360, а третата класа тутун се купува по 300 денари за килограм. Сега-засега не можам да кажам дека ќе има некое зголемување на цените, изјави Александар Алексоски, директор на Тутунски комбинат од Прилеп.
Битола - Битолското јавно претпријатие „Комуналец“ почнува двегодишна реализација на проектот RU READY, прекугранична промоција на циркуларната економија и одржливото управување со отпад.
Во рамки на проектот, JП „Комуналец“ ќе го воспостави Центарот за повторна употреба, кој ќе им овозможи на граѓаните да можат да донираат материјали и производи наместо да ги фрлаат и да завршат на депонија, а од друга страна бесплатно да подигнат и користат материјали и производи кои би им биле потребни.
-Со овој проект Битола станува првиот град во земјата што воведува современ пристап кон управување со отпад. Проектот директно ги таргетира домаќинствата и граѓаните кои ќе усвојат нови навики за рециклирање и повторна употреба во нивниот секојдневен живот, посочија по заедничката средба градоначалникот Тони Коњановски и директорот на ЈП „Комуналец“, Горан Степановски.
Карбинци - Во Општина Карбинци 52 семејства добиваат поврат на средства за набавени клима уреди, објави денеска градоначалникот на Општина Карбинци Виктор Паунов. Тој истакна дека денеска ги потпишал решенијата за доделување на субвенциите за набавка на инвертер клима уреди и веќе од следната недела започнува исплатата.
-Ова е трета година по ред како Општина Карбинци воведе мерка за субвенционирање во висина од 30 отсто од сумата за набавен клима уред. Оваа година вкупно 52 семејства добиваат поврат на средствата или некаде околу 500 000 денари од буџетот на општина Карбинци, вели Паунов.
Битола - Европската градба, пред се е проект за мир и просперитет. Таа може да постои само доколку заедно продолжиме да работиме на неа, тоа никогаш да не го заборавиме, порачаа амбасадорите на Германија Петра Дрекслер и на Франција Кристоф Ле Риголер за време на денешниот престој во Битола.
На комеморативниот собир што се одржа на француските воени гробишта, амбасадорите истакнаа дека ги слават победата и мирот, но и оддаваат достојна почит на сите што загинале за време на војната.
Скопје - Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменковска-Трајковска, денес изврши увид во градежните активности за уредување на речното корито на Мала Рада, каде во напредна фаза се изградбата на потпорните ѕидови и уредувањето на самото корито.
Проектот, како што соопштија од Општина Кисела Вода, се реализира со средства обезбедени од Владата на Република Македонија преку програмата за капитални инвестиции финансирани од унгарскиот кредит, за кој Општина Кисела Вода аплицираше и доби одобрување во рамки на поддршката за општински проекти.
Делчево – Во Општина Делчево во тек е процесот на реизбор на советите на месните и урбаните заедници, со кој локалната самоуправа има цел да ја зајакне вклученоста на граѓаните во креирањето локални политики и решавањето на секојдневните проблеми.
Градоначалникот Иван Гоцевски изјави дека месните и урбаните заедници се „основна клетка на локалната самоуправа“ и дека нивното активно функционирање е од особено значење за подобрување на квалитетот на живот во Делчево.
Куманово - Расте бројката на пациенти заболени од дијабет, регистрирани во Центарот за дијабет во јавната здравствена установа, Општа болница Куманово, информираа денеска лекарите од Центарот. Надлежните потсетија и на значењето на раното откривање, редовните контроли и здравиот животен стил како најдобра можност за борбата против болеста. Според д-р Марија Бајдевска Спирковска во Центарот за дијабет, месечно се проверуваат околу 800 до 1100 пациенти.
-Тоа не се само оние кои користат инсулин, туку генерално оние што се прегледуваат. Станува збор за лица со различни состојби, од веќе дијагностицирани пациенти до луѓе со преддијабет, состојба која претходи на дијабетесот и која e важна навреме да се открие за превенцијата. Апелирам редовно да се прават контроли, еве денеска можат да направат обична лабораторија или во аптеките најчесто на вакви денови има бесплатно мерење на шеќер во крв, изјави д-р Бајдевска Спировска.
Гостивар - Откако им беа верифицирани мандатите на избраните советници и со давање свечена изјава се конституира новиот Совет на општина Гостивар. За претседавач е избран Валдет Џафери, кој доаѓа од редовите на коалицијата Национална алијанса за интеграција.
Тој во изјавата по изборот напомена дека ќе ја има поддршката од останатите членови на Советот и дека, како што нагласи, без оглед на политичка, етничка припадност ќе работат заедно во интерес на градот и граѓаните.
По последните локални избори, бројноста на членовите на Советот на општина Гостивар се намали за осум, односно од 31 на 23 советници.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска додели 8 стипендии за ученици кои доаѓаат од социјално загрозени семејства, се вели во соопштението од Општина Центар, што МИА го објавува интегрално.
„Секое дете заслужува еднаква шанса. Продолжете да учите, да се трудите и да ги следите своите соништа. Успехот доаѓа кога веруваме во себе и кога не се откажуваме,“ порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Со ова, вкупниот број на доделени стипендии во учебната 2025/2026 година достигна 138, во области на наука, спорт, култура и социјална поддршка.
Штип - „Случајната смрт на еден анархист“е новата премиера на Народен Театар-Штип, во режија на Ивана Ангеловска, а по текст на Нобеловецот Дарио Фо. Режисерката Ангеловска на денешната прес-конференција рече дека со актерите од Штипскиот театар тргнале да направат претстава, којашто се занимава со истражување на вистината.
-Со истражување на перцепцијата на вистината, со манипулацијата на власт во однос на граѓаните, со манипулацијата и медиумите. Сакавме да отвориме некои прашања, за тоа како се креираат тие вистини, или се фабрикуваат официјални приказни на општествено ниво и се надевам дека успеавме да го направиме тоа. Станува збор за сатиричен текст, којшто е еден од најдобрите на современото општество, вели Ангеловска.
Струмица - Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков денеска објави на неговиот фејсбук профил дека ги назначил Кире Синдраковски за в.д. директор на ЈКПД „Комуналец“ Струмица и Александар Петровски на ЈП „Паркиралишта Струмица“.
-И двајцата ги познавам како чесни и енергични луѓе кои доаѓат од приватниот сектор каде успешно работат повеќе години. Се надевам и побарав од нив лично да го вложат својот целокупен човечки, професионален потенцијал и заедно со кадрите во претпријатијата и граѓаните да направиме промени во работата и услугите на овие претпријатија, напиша струмичкиот градоначалник.
Тетово - Со свечена академија ќе се одбележи јубилејот 100 години постоење на планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово. Свеченост е закажана за утре, сабота 15 ноември од 18 часот во големата сала на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“, а влезот е слободен.
-Цел еден век зад нас стојат илјадници чекори, врвови, пријателства и спомени што нè поврзуваат. Сега е време сите заедно да се потсетиме на таа магија и да ја прославиме оваа неверојатна височина – 100 години „Љуботен“. Да се собереме сите што некогаш сме искачиле врв, споделиле патека или само ја почувствувале магијата на Шара. Да се потсетиме на нашите почетоци, на луѓето што го создадоа „Љуботен“, и да погледнеме кон иднината – кон нови врвови и нови генерации што ќе го продолжат духот на планинарството, се вели во поканата од клубот до сите заинтересирани граѓани.
Скопје - Со пригодна свеченост во реонскиот парк, Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа 14 ноември - Денот на ослободувањето на општината, ден кога пред точно 81 година слободата го пронашла својот пат и го означила почетокот на новото поглавје во историјата на оваа заедница, стои во соопштението од Општина Ѓорче Петров, што МИА го објавува интегрално.
На настанот присуствуваа претставници на локалната самоуправа, членови на делегации, советници, вработени во општината и бројни граѓани, кои со пиетет се потсетија на храброста и жртвата на борците кои ја донеле слободата.
Кавадарци - Осумдесет години македонска азбука и правопис, беа одбележани денеска во Кавадарци.
-Собрани сме, не само да одбележиме еден јубилеј, туку да му се поклониме на темелот на нашата култура – на македонската азбука и правопис, кои годинава слават 80 години од своето официјално утврдување. Осум децении од моментот кога гласот на народот доби своја форма, кога македонскиот јазик стана државен, образовен, книжевен и духовен столб. Славиме 80 години од кодификацијата на македонската азбука и правопис, беше кажано на настанот.
Притоа беше истакнато дека ова не е само јубилеј, ова е свеченост на идентитетот. -Секоја точка, запирка, акцент — е отпечаток на нашата самобитност. Македонскиот јазик не е само средство. Тој е сведоштво, беше нагласено на овој настан, што се одржа во зградата на Општината.
Кочани - Општина Кочани го објави конкурсот за доделување стипендии на редовни студенти жители на општина Кочани за академската 2025/2026 година. Општината ќе додели 30 стипендии на студенти запишани на прв циклус студии на јавните високообразовни институции во РС Македонија и тоа: најмногу пет стипендии за студенти од ромската етничка заедница и студенти лица со попреченост и со ретки болести, десет стипендии за студенти од социјално загрозени семејства, најмногу пет стипендии за студенти запишани на факултети за медицински науки, а останатите за студенти кои постигнале висок успех во студирањето.
Доколку на јавниот конкурс не се пријават студенти од ромската етничка заедница, студенти кои се лица со попреченост и лица со ретки болести, студенти запишани на факултети за медицински науки или нивните пријави се оценети како неприфатливи, стипендиите распределени за овие категории, може да бидат доделени на студенти од социјално загрозени семејства пријавени по јавниот конкурс, кои ги исполнуваат условите за доделување стипендија, според редоследот на рангирање по бодови согласно изготвената ранг-листа.
Скопје - Во рамки на активностите за подобрување на комуналната инфраструктура во Општина Илинден се реализираат градежните работи за поставување и монтажа на препумпен уред во населено место Илинден.
Како што информираат од Општина Илинден, овој препумпен уред се поставува во најнискиот дел на н.м. Илинден и ќе ги зафати водите од фекална канализација на улица „19“ и припадните краци кои се наоѓаат на оваа улица. Препумпниот уред ќе претставува собирно место од повеќе улици од кои дел веќе имаат фекална канализација, но и улици каде во наредниот период ќе се работи на изградба на фекална канализација.