• четврток, 15 јануари 2026
МИА Општински пул

14 јануари 2026 

Скопје - Без вода денеска од 10.40 часот се корисниците од улиците Товарник и Среќко Пужалка. 

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект на приклучна цевка на улицата Методија Андонов-Ченто број 69. Корисниците ќе бидат без вода сè до санирање на дефектот. 

Дебар - Полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Дебар синоќа лишиле од слобода 60-годишен жител на градот, кој управувал патничко моторно возило под дејство на алкохол.

- Синоќа, во 21.13 часот, на улицата Јусуф Багери во Дебар, полициски службеници од ОВР Дебар го лишија од слобода Љ. М. (60) од Дебар. При контрола во патниот сообраќај полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген пасат“, со струшки регистарски ознаки, кое го управувал, и по преземените мерки констатирано е дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,83 промил алкохол во крвта - информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Дебар - По повод Православна Нова година, иако во многу мал број, деца суројчари во Дебар ја продолжија вековната традиција карактеристична за овој крај. Тие ги посетија православните домови, пеејќи „сура, сура година, до година повесели“, а за убавите и искрени детски желби домаќините ги даруваа со пари и слатки. Некогаш, кога во градот живееле голем број православни, имало повеќе групи по десеттина деца, но последните години традицијата ја продолжуваат само неколку дечиња.

Едно од нив годинава беше Иван Љубиновски, кој живее во Скопје, а зимскиот распуст го поминува кај баба му и дедо му.

- Многу се радувам на посетата на децата суројчари, кои кога доаѓаат на врата, го развеселуваат домот. Фала му на Бога што продолжува традицијата, вели Десанка Секуловска.

Скопје - Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, најави серија мерки за унапредување на образованието и поддршка на учениците во училиштата во локалната самоуправа, се наведува во соопштението од Општина Центар, што МИА го објавува интегрално. 

„Донесовме одлука за зголемување на стипендиите за талентираните ученици во областа на науката, техниката и посебните вештини, како и за спортските стипендии, за 1.000 денари. Водејќи се од принципот на еднакви можности, стипендиите за учениците што доаѓаат од семејства во социјален ризик ги зголемуваме за 1.500 денари“,  истакна Герасимовски.

Пустец - Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), во соработка со Патриотското друштво од Скопје, по повод Стара Нова година - Василица, со новогодишни пакетчиња ги израдува децата со македонско потекло во Корча и во општина Пустец.

Во Пустец пакетчињата беа поделени во училиштето „Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиефски“. 

Во име на МАЕИ пакетчињата ги подели Атанас Плоча, заменик-градоначалник на општина Пустец, кој истакна дека ваквите активности имаат посебно значење за зачувување на македонската традиција меѓу најмладите.

Скопје - Здружението „Василичарите од Боемска“ денеска попладне во скопско Дебар Маало со хуманитарен настан ќе го одбележат празникот Василица.

-Оваа традиција ја започнавме во 2023 година, со цел не само да го одбележиме празникот, туку и да ја негуваме хуманоста, солидарноста и заедништвото меѓу граѓаните. Ги покануваме сите да ни се придружат на дружење во празнична атмосфера и заедно да бидеме хумани. Сите средства собрани од продажбата на македонски традиционални јадења, греана ракија, греано вино и други производи, како и средствата од доброволните донации на граѓаните, ќе бидат донирани на социјално загрозени семејства, наведуваат организаторите.

Настанот ќе почне во 16:00 часот, на Боемска улица во Дебар Маало, а организаторите ги повикуваат сограѓаните да се приклучат на оваа хумана традиција.

Скопје - Без електрична енергија денеска во периодот од 09.00 до 11.00 часот, ќе бидат корисниците од ул. Наум Наумовски Борче бр. 65 и околните стамбени објекти околу него во општина Центар, а од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул.Ѓорѓи Андеевиќ Кун во близина на училиштето Димитар Македонски(општина Аеродром), соопшти РЦУК Скопје по добиено известување од ЕВН Македонија АД.

Скопје - Од 8 часот денеска без вода ќе бидат објектите на МНТ, Музичкото училиште, Министерството за транспорт и врски и Управата за издавање на матични книги во општина Центар.

Причина за прекинот е поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштадот Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ. 

Остани поврзан