• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

1 септември 2025 

Кавадарци - Општина Кавадарци информира дека в среда со почеток од 5:30 до 7 часот ќе се спроведе третото авионско третирање против комарци за 2025 година на територијата на општината, информираат попладнево од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Се апелира до пчеларите во периодот на третирање и од три до четири часа подоцна, кошниците - сандаците со пчели да бидат затворени заради можноста од влијание на средството со што се врши третирањето врз безбедноста на пчелните семејства.

Предвидено е со третирање да биде опфатено течението на реката Луда Мара од Марена, целото градско подрачје, Ваташа, па се до брана Моклиште.

Велес - Во четирите основни училишта во Велес и трите во општината денеска училишното ѕвонче го означи почетокот на новата учебна 2025/26  година. Највесели и највозбудени беа првачињата кои денеска го започнаа своето школување. Во  сите велешки училишта нивните поголеми другарчиња од повисоките одделенија им подготвија интересна програма.

Имињата на првооделенците на свеченостите  беа прочитани  од нивните наставнички и  беа формирани одделенијата. Потоа им беа поделени балони и заедно со своите наставнички потоа се разделија од родителите и отидоа кон училниците и за првпат  седнаа во училишните клупи. На приредбата во ООУ „Панко Брашнаров“ присуствуваше градоначалникот Марко Колев со своите колеги од секторот за образование, а кој им посака многу успех во школувањето и многу радости.

Неготино  - „За среќен почеток на учебната година", е насловена забавата што попладнево на градскиот плоштад, ја организира Општина Неготино. 

- Денеска  започнува новата учебна 2025/2026 година, а по тој повод Општина Неготино на градскиот плоштад организира забава за учениците, родителите и сите заинтересирани. Настанот ќе се одржи со почеток од 16,40 минути, а за сите присутни на плоштадот како организатори, подготвивме богата и разновидна програма. За забавата и расположението ќе се погрижат ди-џеј Боно, присутни ќе бидат и Стела и Сани, а настап ќе имаат и ученици од ООМУ ,,Владимир Арсовски" од Неготино, соопштија од неготинската локална самоуправа.

Прилеп - Во прилепскиот манастир „Свети Ѓорѓија“ се одржува 7 -тата меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков - Дрен 2025“. На Колонијата која ќе трае до 5 септември своите дела ги создаваат 16 уметници од земјава и од Србија, Хрватска и Црна Гора.

-По втор пат сум во Прилеп. Пред 26 години бев учесник на старата прилепска колонија. И бидејќи имав одлични впечатоци дојдов повторно тука. Преубава е средината во која твориме, одлични се условите за работа, вели Звјездана Јерембих од Загреб, Хрватска.

Околината кај Манастирот е голема инспирација за уметниците.

-Воодушевена сум од пределот. Ќе го насликам она што го видов. Задоволна сум од  гостопримството, кое е на високо ниво, вели Злата Томљеновиќ од  Ријека, Хрватска.

Куманово - Регионалната занаетчиска комора од Куманово, денеска упати барања до кандидатите за градоначалници и до советничките листи да ги разгледаат предлозите и барањата на занаетчиите и да ги вметнат во програмите за развој на локалната економија. Занаетчиите сметаат дека барањата се суштински за развој на локалната економија, за зачувување на традицијата и нивна поддршка.

Намалување на фирмарината бараат занаетчиите и сметаат дека ќе се поттикне регистрирањето на нови занаетчиски бизниси, преместување на Дирекцијата на УЈП од Штип во Куманово со оглед на тоа што Куманово е најголема општина, економски центар и со поголем број на занаетчии и претприемачи. Почитување на Законот за занаетчиство и зголемување на бројот на паушално оданочени занаетчии, простории за комората и дополнителни канцаларии за спроведување на обуки, претквалификации и квалификации. Поддршка за младите при отворање на сопствен бизниси, покрај поддршката од државата, важно е поддршката од општината, намалување на сивата економија, заеднички активности за намалување на „сивата“ економија, поддршка за старите занаети и промоција на Куманово преку сувенири.

Гостивар - Првиот учебен ден во гостиварската општина започна со запишани 520 првачиња и околу десет илјади ученици во средно и основно образование.

На првиот час во ОУ „Единство-Башкими“ со основците беше и вд градоначалникот Ваљбон Лимани, кој со скромни подароци им го честиташе почетокот на школувањето. Лимани посочи дека во новата учебна 2025/2026 година денеска започна навреме и дека во периодот на распустот училишните управи и локалната власт работеле на подобрување на условите и започнување на образовниот процес.

- Изминатиов период беа направени значителни вложувања во училишната инфраструктура. Беа заменети стари прозорци, поправани фасади, подови и други зафати кои ги прават условите за престој и учење подобри, рече Лимани.

Неготино - „Етнолошки истражувања во Неготино и Неготинско 2025“ е насловен проектот од национален интерес, поддржан од Министерството за култура и туризам, што се реализира во овој дел на Тиквешијата.

Раководител на проектот е Драгица Чекоровска, етнолог во Музеј на град Неготино, а стручен соработник е Стојанчо Атанасов, кустос археолог во оваа културна установа. 

- Неготино како дел од тиквешкиот регион, најголем лозаровинарски регион во државата, отсекогаш буди интерес кај домашни и странски посетители, поради богатството на историја, традиција, култура, обичаи. За жал, ова парче земја е многу малку истражувано од етнолошки аспект, иако изобилува со етнолошки богатства, како голем потенцијал за развој на културниот, винскиот, алтернативниот туризам, рече Чекоровска за МИА.

Тетово - Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ побара од кандидите за локални избори да се обврзат на 12 точки во доменот на јавните политики. Тие велат дека овие 12 идеи за јавни политики ги иницираат со оглед на тоа дека политичките субјекти и кандидати изразиле интерес изминатиов период за работна средба, но тие како граѓанска иницијатива се воздржуваат од било каков контакт со било кој учесник во локалните избори.

-Граѓаните на Тетово уште еднаш се пред избори за членови на Советот и Градоначалник на Општината. Разочарани сме што секоја досегашна мала надеж за промена, на крај се сведува на обична замена. Бидејќи во изборниот период политичките субјекти и кандидатите слушаат, гледаат, сочувствуваат, размислуваат, прифаќаат, поддржуваат, а потоа си тераат бизнис, неработење, инает и партизирање, иницијативата „Тетово сака парк“ повикува секој кандидат и субјект во доменот на јавните политики да се обврзе на 12 точки, велат во сооштението.

Прилеп - Новата учебна година денеска започна за околу 9000 основци и средношколци во Прилеп, од кои околу 600 првачиња, но и за девет ученици во Центарот за поддршка на учењето при ОУ „Климент Охридски. Таму настава посетуваат ученици од шесто до деветто одделение, а индивидуални третмани за поддршка во учењето имаат 28 ученици од прилепските и од училиштата од соседните општини.

Со учениците работат седум едукатори и рехабилитатори.

-Според Законот ние примаме ученици со попречености од 6 до 9-то одделение. Од прво до петто одделение посетуваат настава во основните училишта но кај нас доаѓаат на индивидуални третмани и со нив се работи. Со некои деца еднаш, а со други и до четирипати неделно. Деветте ученици имаат десеттина предмети и може да се рече со помош на родителите имаме забележителен развој, објаснува специјхалниот едукатор  Гордана Тодороска Здравкова.

Куманово - Над деветстотини првоодделенци го почнаа образованието во 16 основни училишта во Куманово, информираа денеска надлежните. Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски го посети училиштето „Карпош“ во село Умин Дол, кумановско. Тој ги повика родителите да побараат поддршка од општината и од Министерството за образование за евентуално подобрување на работните услови на образовните установи во локалните средини.

Куманово, иако најголема општина во државата, годинава има запишани шеесетина деца помалку во однос на претходната година.

– Сакаме оттука да испратиме порака за поддршка на сите родители и на сите ученици коишто тргнуваат на училиште, особено во малите училишта коишто се лоцирани во селата, дека ние ќе продолжиме да работиме во соработка со Министерството за образование и наука за подобрување на работните услови во училиштата, а апел до родителите да се задржат тука каде што се да продолжиме заедно да создаваме и за Македонија и за нашиот град, изјави Димитриевски.

Скопје - Со радост, ентузијазам и голема посветеност започна новата учебна година во сите основни училишта на територија на Општина Илинден, како и во средното општинско стручно училиште „Илинден“. Училиштата ги отворија своите врати за над 1900 ученици. Меѓу нив, оваа година, во училишните клупи за првпат седнаа над 150 првачиња. Додека пак 74 ученици се запишаа во прва година во СОСУ „Илинден“, се вели во соопштението од Општина Илинден кое МИА го пренесува интегрално.

По повод почетокот на новата учебна година во општинските основни училишта „Гоце Делчев“, „Ристо Крле“ и „Браќа Миладиновци“ беа организирани свечени приредби. Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, ги посети учениците на првиот училишен ден и на сите првачиња им подели училишни ранци со прибор. Тој им посака успешен и среќен почеток во образовниот процес и многу незаборавни моменти во училишните клупи.

Кавадарци - Општина Кавадарци има 309 првачиња оваа учебна година, сите денеска добија чемпрес како симбол на раст и напредок. Градоначалникот Митко Јанчев беше во посета на ООУ „Тошо Велков - Пепето“, каде што ги пречека првачињата на првиот училишен ден. 

- На територија на општина Кавадарци, оваа година има вкупно 309 првачиња, од кои 59 во ова училиште, кои со насмевки и радост го започнаа своето најубаво патување - учењето. Сите првачиња добија чемпрес - симбол на раст и напредок, производ од вредните раце на учениците од нашето средно земјоделско училиште. Им посакуваме на сите ученици, наставници и родители успешна и исполнета учебна година, исполнета со знаење, пријателства и нови успеси, пишува на „Фејсбук“ - страницата на градоначалникот.

Кавадарци - Јавната здравствена установа Општа болница со проширена дејност - Кавадарци, од утре, па секој нареден вторник, во амбулантата во Росоман, ќе реализира земање крв од пациенти, за лабораториски услуги. Ова го најавија денеска од кавадаречката болница. 

Ова е, како што истакнаа, со цел унапредување на пристапот до здравствена заштита и во интерес на пациентите. Секој вторник во периодот од 8 до 9 часот, во амбулантата во Росоман ќе се врши земање на крв за лабораториски услуги (ЛУ1).

- Оваа активност е дел од континуираните напори на ЈЗУ Општа болница да обезбеди поблиски, навремени и квалитетни здравствени услуги за жителите од општината Росоман и околината. Нашата здравствена установа се грижи да го олесни пристапот до неопходните здравствени услуги, поблиску до местото на живеење, соопштија од Болницата.

Скопје - По тримесечниот летен распуст, училиштата во општина Карпош ги отворија вратите за учениците и првачињата. Секое училиште, со пригодна приредба ги дочекаа своите нови другарчиња, кои од оваа година ќе се запознаат со новите предизвици. Во таа насока, ООУ ,,Димо Хаџи Димов”, во Влае, освен првачињата, со прво септемвриска забава ги дочекаа и градоначалникот Стевчо Јакимовски и вработените во општинската администрација. Некои од нив среќни и насмеани, некој од нив збунети и зачудени, но едно е сигурно, дека секое дете во Карпош ќе има безгрижно и безбедно поминато време во училиштата, се вели во сопштението од Општина Карпош, што миа го пренесува интегрално.

Првиот татко на Општината, Јакимовски ги поздрави новите другарчиња и на сите деца им посака успешен почеток во новата учебна година.

Дебар - Во двете основни и нивните подрачни училишта, во општина Центар Жупа, во ученичка клупа за првпат денеска седнаа 31 прваче, што е за три повеќе во однос на минатата учебна година.

Она што посебно паѓа в очи е минималниот број првачиња во ООУ „Мустафа Ќемал Ататурк“ во Центар Жупа и неговите подрачни училишта.

-Во ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“ во Центар Жупа се шест првачиња од нив четири се за настава на турски наставен јазик и едно на македонски, во училиштето во Центар Жупа, додека едно на македонски јазик е во подрачното училиште во село Броштица. Во подрачното училиште во село Горенци нема ниту едно прваче. Во училиштето во Центар Жупа, каде настава се изведува и на албански наставен јазик, како и минатата и оваа учебна година нема првачиња по овој наставен јазик, рече за МИА, Мунир Бастри, одговорен во секторот образование при општината.

Тетово - Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами ја посети гимназијата „7 Март“ по повод почетокот на новата учебна година каде во употреба беше пуштена новоизградената спортска сала за оваа образовна установа. Салата е направена со средства на општинскиот буџет во висина од 50 илјади евра.

- Ова е најубавиот начин како да ја започнеме учебната година, истовремено промовирајќи ја оваа спортска сала која од денес ќе биде во служба на учениците на средното гимназиско училиште во Тетово. Така ќе продолжиме и понатаму со изградба на спортски сали, на базени за учење на пливање, со нови објекти за училиштата на основните и средните училишта, со цел да создадеме подобри услови за учење, но не само за учење, туку и за спорт, за култура и за сите други пропратни активности се со цел нашите училишта бидат најмодерни и со најдобри услови за нашите деца, изјави Биљал Касами.

Остани поврзан