• недела, 19 април 2026

МИА во ЦИК во Бугарија: Мирни избори, излезноста во 11 часот 12,12 проценти (ФОТО)

МИА во ЦИК во Бугарија: Мирни избори, излезноста во 11 часот 12,12 проценти (ФОТО)

Софија, 19 април  2026 (МИА) – Изборниот ден во Бугарија се одвива мирно, пријавени се помали неправилности. Излезноста до 11 часот е 12,12 проценти.

Заменик претседателката на Централната изборна комисија Росица Матева на прес – конференцијата во Народното собрание изјави дека излезноста е поголема во споредба со последните парламентарни избори во 2024 година кога до 11 часот гласале 9,55 проценти од запишаните избирачи.

- Во моментов, излезноста на гласачите е поголема отколку на претходните избори за Народно собрание. Се надевам дека тоа е добар знак и дека повеќе граѓани ќе излезат да гласаат, рече Матева. 

Инаку до 11 часот во ЦИК пристигнале 82 пријави од граѓани и претставници на политички партии и коалиции, од кои 53 се веќе обработени. Останатите се во процес на обработка.

Најголем дел од пријавите се однесуваат за недостиг на гласачки паравани, како и дека има редица луѓе кои сакаат да гласаат со машина, а се поттикнуваат да гласаат со хартиено гласачко ливче.

Матева при тоа кажа дека гласачот избира како да гласа и оти реонските изборни комисии немаат право да ги поттикнуваат луѓето да гласаат со хартиени гласачки ливчиња. Примена е и само една пријава за купување гласови и веднаш е проследена до Министерството за внатрешни работи. За 36 машини, реонски избирачки комисии одлучија да го суспендираат гласањето со машини.

Во изјава за МИА, една гласачка прашана што очекува од изборите, категорично одговори: „Ништо“.

- Со стара облека не може да се очекуваат нови работи, изјави жената која со своето внуче, во дворот на средното училиште за странски јазици „Свети Климент Охридски“ во центарот на градот, чекаше да гласаат останатите членови на семејството.

- Гласав затоа што сакам промени и стабилност во државата. Очекувам идната влада да се фокусира на економијата, оти сега, по промената на левот во евро, навистина е многу скапо, ни изјави еден повозрасен Софијанец, кој со пријателите седеше во кафуле во близина на зградата на Владата.

Бугарите денеска  гласаат за избор на 52. состав на Народното собрание. Според Централната изборна комисија, право на глас имаат 6.575.151 граѓани.

Во изборната трка учествуваат 24 политички партии и коалиции.  Вкупно 4.786 кандидати се натпреваруваат за 240 пратенички места. Од нив, 1.440 се жени, додека 3.343 се мажи. 

Низ целата земја од утрово во 7 часот се отворени околу 12.000 гласачки места, со цел да им се овозможи на граѓаните лесен пристап до гласањето. На 9.354 избирачки места гласањето се спроведува со помош на машини и хартиени гласачки ливчиња, а на 3.367 избирачки места ќе се гласа само со хартиени гласачки ливчиња..

Гласаат и Бугарите надвор од земјата, на 493 избирачки места во 55 држави. Како што соопшти бугарското МНР, поради временската разлика гласањето за новиот состав на Националното собрание во странство започна синоќа во 22 часот по бугарско време, а ќе заврши во 6 часот наутро во понеделник, 20 април.

Ова се седми предвремени парламентарни избори во Бугарија во последните пет години, што ја одразува нестабилноста и променливата политичка сцена во земјата. Граѓаните денеска повторно имаат можност да го дадат својот глас и да влијаат врз идниот состав на Парламентот и насоката во која ќе се движи државата во наредниот период.

Официјалните резултати ќе бидат соопштение од Централната изборна комисија на Бугарија, четири дена по гласањето, на 23 април. вг/паг

Фото: МИА

 

Остани поврзан