МИА во Бојанчиште, зголемен интерес за недопрената природа во кавадаречките горни села
- Селото има прекрасни можности и ресурси. Идеално е за селски и еко туризам и затоа расте посетеноста. Љубителите на природата, ги препознаваат потенцијалите и предностите на овој крај. Интересно е, исто така, што од оваа точка, за кратко се стигнува до интересни и атрактивни локации во близина. На десет километри e местото каде реката Блашница се влева во Тиквешко Езеро, а тука е и патот што води до карпата со најубавата глетка кон езерото, омилено место за правење на извонредни фотографии за спомен, ни рече Златевски.
Кавадарци, август 2025 (МИА) - Малини со најубава розова боја, рибизли со црвена боја на вино наредени како бисери, сочни домати чиј мирис опива и маѓепсува, пиперки со вкус што не се заборава, сок од најразлични видови овошје и ореви со експлозија на задоволство додека се јадат, за добредојде. И сето тоа да се дегустира со сите сетила, со поглед кон неизвалкана природа.

На 28 километри од Кавадарци, во поткожувското село Бојанчиште, лоцирано на висорамнината Витачево, бевме пречекани од прекрасна клима, убав воздух, зеленило насекаде, како најубав одмор за очите. Овде сега постојано живеат дваесетина жители, а околу 70 куќи се полни за викенди, кога доаѓаат луѓе од сите генерации, да уживаат во благодетите на оваа рурална средина. Започнале да се враќаат иселени, нивни наследници, но, во селото се вљубуваат и такви кои немаат врска со ова парче земја. Особено за времето на ковид - пандемијата, се вратило тоа чувство за припадност кон природата и желбата да се биде дел од неа. Тогаш, од Бојанчиште се работело преку интернет, се учело преку интернет. Во моментов, десетина куќи се во изградба. Бидејќи селото важи за воздушна бања, да изгради свој имот, решил и Јован Златевски, советник во Советот на Општина Кавадарци.
- Секој викенд сме тука. Не жалиме труд и време, милуваме да бидеме во природа и во иднина, не е исклучена можноста и целосно да се преселиме во Бојанчиште. Селото има прекрасни можности и ресурси. Идеално е за селски и еко туризам и затоа расте посетеноста. Љубителите на природата, ги препознаваат потенцијалите и предностите на овој крај. Интересно е, исто така, што од оваа точка, за кратко се стигнува до интересни и атрактивни локации во близина. На десет километри e местото каде реката Блашница се влева во Тиквешко Езеро, а тука е и патот што води до карпата со најубавата глетка кон езерото, омилено место за правење на извонредни фотографии за спомен, ни рече Златевски.

Педијатарот Ѓорѓи се врати кај што е роден
Поминавме импресивни мигови во дворот на семејството Јованови во Бојанчиште. Имаат прекрасна куќа и имот. Имаат и базен, кош за играње кошарка.
Пензионери, тој доктор педијатар, а таа економист по професија. Домаќинот Ѓорѓи бил роден во Бојанчиште, но, кога бил мал, неговото семејство се преселило во Скопје. Но, корените влечат, па со сопругата, двајцата вљубеници во природата, најпрвин започнале да доаѓаат за викенди. Пред 27 години одлучиле најголемиот дел од времето да го поминуваат тука. По пензионирањето, се преселиле.
Како што ни кажаа, 95 проценти од времето, се во Бојанчиште. Редовно ги посетуваат нивните наследници, блиски, пријатели.
- Тука е 917 метри надморска височина, станува збор за едно од највисоките села во Тиквешијата. Нема повисоко. Уживаме во природата и чистиот воздух. Големо богатство е човек да дише ваков воздух. Секој ден ни започнува со овој убав поглед, со песните на птиците. Наоколу има фантастични патеки за пешачење. Пешачиме по околу десет километри секојдневно. Има исто така и убави патеки и идеални услови за шумски велосипедизам. Произведуваме здрава храна за сопствени потреби. Редовно собираме и билки, во околината има „мајчина душичка“ колку сакате. Сопругата прави мед од глуварче, боров мед, за нас и за нашите најблиски, раскажа Јованов.

Иако тој потекнува од овој крај, иницијативата да се вратат, била на неговата животна сопатничка, Лилјана.
- Преубаво е, ние и зиме сме тука. Кога се минусни температури и кога во градовите е загадено, зачадено, има смог, со јакни седиме еве тука надвор на ова место со прекрасен поглед кон природата, а има сонце и е толку многу убаво. Не може да се опише тоа чувство, убавина и здравје. За подобрување на крвна слика, за сите генерации. Во оваа убавина, ковидот не го ни почувствувавме. Често знаеме да кажеме, „Боже, што е убаво“, убавина, додаде Лиле.

Овие марифетни домаќини, кои си ги делат обврските во домот и надвор од него, во дворот имаат најразлични овошки. Малини, јагоди, јаболки, круши, црни сливи, а од сето тоа прават и сок. Во магичниот сок направен во домашни услови, се уверивме и самите. По околу триста литри сок произведувале секоја година, за себе и најблиските. Нема купечки сок, кај нив, само домашен.
„Мртва“ трка со Рожден
Стојче Златев, член на црковен одбор и комплексот и манастирот во Бојанчиште, е исто така повратник во селото. Тука бил роден и израснат, а по 18 години поминати во градот пак му се вратил на родното огниште, тука е веќе околу 30 години.
- Влечат природата и корените. Се вратив со сопругата, тука чуваме пчели. Убаво е тука да се живее. На село е многу убаво. Тишина, ја нема градската врева. Најблиските доаѓаат, кога можат. Доаѓаат многу викендаши. По потреба само одам во градот и се враќам, не се каам, исто како и многу други, што се вратив. Еве гледате дека, додека во градот не се дише од жештина, тука е неколку степени целзиусови посвежо, а павка и ветерче, рече тој за МИА.
Во селото со бавчи од кои се смешкаат овошки и зеленчуци спремни за дегустација и највкусни салати, ни кажаа дека многу често доаѓаат и млади, и тие се заљубуваат на прв поглед во оваа убавина. Во овој воздух кој милува и лекува. Едни од мали идат тука кај баби, дедовци и се вљубуваат во селската средина. Милуваат да доаѓаат. Но, има и такви што случајно го откриваат Бојанчиште и го избираат за свое засолниште, бегство од секојдневните грижи и полнење на батериите на животот, што се вели. Бидејќи, како што коментираа, оваа убавина не се купува со пари. Таа е лек за очи и за душа и тука нема главоболки и проблеми со крвен притисок и други здравствени проблеми.
Во Бојанчиште дознавме дека расте интересот за недопрената природа во кавадаречките горни села.
- Ако до пред неколку години, Тиквешко немаше ниту „т“ од туризам, сега можеме да се пофалиме дека работите се придвижуваат и дека се зголемува бројот на туристи кои сакаат да дојдат во нашиот крај, не само поради убавото вино, ами и поради еколошката средина во која се сместени нашите села, што ја имаат задржано својата автентичност. Да се разбереме, руралноста во нашите селски средини е интересна не само за странските гости, ами сè повеќе и за македонските граѓани кои таму го бараат својот мир после напорната работа во градот. Во вкрстувањето на винските патишта, нашите села и те како имаат своја улога, зашто покрај доброто вино, нудат селска идила, леб од фурна и други типични традиционални тиквешки производи, се коментираше во селото.
Дваесетина градби се нови, а има интерес и за градење на уште викендички. Во минатото, во селското училиште се школувале и до 92 деца до петто одделение.

Во последно време, сено и слама наместо ученици во училниците од некогашното училиште во кавадаречкото село Бојанчиште.
Самари, алати за орање.
Своевремено тука живееле околу 500 луѓе во над 80 многудетни семејства. Сега овде постојано живеат дваесетина.
- Селото е рамно на воздушна бања, па „си плаче“, што се вели, меѓу другото и за центар за рехабилитација или за одморалиште, ни рекоа во разврзаниот муабет, луѓето кои се израдуваа на нашето присуство во Бојанчиште.
Притоа, ни раскажаа и за „мртвата“ трка што се води меѓу кавадаречките села - Бојанчиште и Рожден, околу тоа, кое од нив, е навистина со највисока надморска височина. Бидејќи, како што ни беше појаснето, тие наизменично си ги менувале премиерското и вицепремиерското место, зависно на која локација се мери. Паѓале дури и обложувања околу тоа.

Светлана Дарудова
Фото: МИА