• понеделник, 23 декември 2024

Меџити: Ќе се изготви национална стратегија за 2023 - 2030 за справувањето со антимикробната резистенција

Меџити: Ќе се изготви национална стратегија за 2023 - 2030 за справувањето со антимикробната резистенција

Скопје, 29 јануари 2024 (МИА) - Во справувањето со антимикробната резистенција, важно е прифаќањето на алатката на Светската здравствена организација за европскиот регион, а ќе биде изработена и на национална стратегија, порача министерот за здравство Фатмир Меџити, соопшти Министерството за здравство.

Како што се наведува во соопштението тој денеска во обраќањето на стручниот настан посветен на антимикробната резистенција потенцираше дека станува збор за глобален предизвик со кој се соочуваат и најразвиените здравствени системи.

-Разноликоста на присутните на денешниот собир најдобро ја отсликува реалната заложба за пристап на „едно здравје“, бидејќи само така можеме да постигнеме успех во справувањето со антимикробната резистенција, изјавил Меџити

За важноста на овој предизвик, тој посочил и на претседателот на СЗО, Тедрос Гебрециус кој во неговото излагање по повод одбележување на Неделата на свесност за употреба на антимикробни средства, истакнал дека „нерационалната употреба на антимикробни средства ќе нѐ врати во предантибиотската ера“.

-Кон крајот на минатата година во Астана, Казахстан потпишавме прифаќање алатка на СЗО за европскиот регион - тоа е патоказот за антимикробна резистенција. Верувам дека заедно со колегите од нашата држава ќе изнајдете најдобар пат да нѐ водите кон што поуспешна борба во справување со антимикробната резистенција, преку изготвување национална стратегија за 2023 - 2030, изјави Меџити, стои во соопштението. вг/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан