Меџити од Арачиново: Ќе продолжиме да инвестираме во инфраструктурата не по партиска или етничка линија, туку секаде каде има потреба
- Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денеска изврши теренска посета и увид во работите за завршување на последниот дел од каналот во Арачиново, проект што се реализира со финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Скопје, 18 август 2025 (МИА) - Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денеска изврши теренска посета и увид во работите за завршување на последниот дел од каналот во Арачиново, проект што се реализира со финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Меџити нагласи дека се работи за значен инфраструктурен проект - изградба на секундарната фекална канализација составена од девет краци во вкупна вредност од околу 20 милиони денари.
-Денес се работи на последниот крак со вкупна должина од 860 метри каде се реализирани 50 отсто од работите и истиот ќе заврши во текот на следниот месец. Во изминативе 13 месеци во Арачиново донесовме инвестиции во вредност од над 164 милиони денари, реални конкретни проекти а не само ветување. Она што за некој беше недостижно три децении, ние го реализиравме. Го изградивме ободниот канал, почнавме со изградба на нови фекални и атмосферски водоводни мрежи и обезбедивме урбано уредување со нови пешачки патеки и шеталишта, рече тој.
Меџити потенцира дека во соработка со Владата и Министерството за животна средина досега со инвестираните приближно 164 милиони денари, како што рече, директно го подобриле квалитетот на живот, хигиенските и безбедносните услови за жителите на Општина Арачиново.
-Нашата работа нема да застане тука. Ќе продолжиме да инвестираме не по партиска или етничка линија, туку секаде каде што има потреба. Веруваме во одговорна политика што носи реални резултати. И нашата цел е сите граѓани да ја почувствуваат разликата, истакна Меџити. фф/вг/
Фото: Принтскрин од видео