• петок, 05 декември 2025

Меѓународна 29. ликовна колонија за ученици со посебни потреби од основните училишта од Велес и регионот

Меѓународна 29. ликовна колонија за ученици со посебни потреби од основните училишта од Велес и регионот

Велес, 3 декември 2025 (МИА) - По повод 3 Декември - Меѓународниот ден на лицата со попреченост денеска во неколку училници на основното училиште со Ресурсен центар „Маца Овчарова“ во Велес се одржа традиционалната 29-та меѓународна ликовна колонија на која учествуваа ученици од посебните училишта домаќин од Велес и од Скопје, Битола, струмичко Ново Село, Штип, Горно Оризари, Градско, Извор, Иванковци, Чашка. Онлајн учествуваа и децата од ОУ за деца со оштетен слух „Стефан Дечански“ од Белград.

-Вкупно 36 ученици од 15 училишта од земјава заедно цртаа на тема „Нашето културно наследство“ во техника молив, а потоа и акрилни бои на платно. Тие го цртаа нашето македонско културно наследство подвижно и неподвижно, а меѓу мотивите беа народната носија, играорци, стара архитектра, Саат кулата во Велес, Спомен костурницата, антички обетки и други богатства кои се наоѓаат во музеите и градовите во земјава, информира Спасе Перовски, ликовен уметник и професор во ОУРЦ „Маца Овчарова“.

Тој истакна дека ликовната колонија како домаќини ја организираат во соработка со останатите училишта. Потсети дека првите ликовни колонии кои беа грнчарски со цртање на готови глинени производи ги организираше неговиот колега Велко Свеќаров.

- Децата можат да сликаат архитектура, како и предмети што се дел од музеите. Имаме одлични ученици и ликовната колонија тече во најдобар ред. Предвидени се награди за најдобрите дела - прво, второ и трето место, појасни Перовски,

 Тој потенцира дека преку овој настан освен што учениците заедно се дружат пренесуваат и порака - децата од најмала возраст да го негуваат нашето културно наследство, затоа што тоа е наше минато и наша иднина.

Воедно, најавија дека сите изработени дела деновиве ќе бидат презентирани на продажна изложба со лицитација, а собраните средства ќе бидат наменети за набавка на потребни материјали за работа на децата од училиштето. ад/фф/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан