Меѓународен тендер во Грција за истражување и експлоатација на јаглеводороди во Јонското Море
- Со одлука на министерот за животна средина и енергетика на Грција Теодорос Скилакакис распишан е меѓународен тендер за доделување лиценца за истражување и експлоатација на јаглеводороди во јужниот дел на Јонското Море, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 25 февруари 2025 (МИА) – Со одлука на министерот за животна средина и енергетика на Грција Теодорос Скилакакис распишан е меѓународен тендер за доделување лиценца за истражување и експлоатација на јаглеводороди во јужниот дел на Јонското Море, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Министерството за животна средина и енергетика на Грција, тендерот се однесува на морските области „А2“ и „Јужно од Пелопонез“, а иницијативата е по изразениот интерес за конкретните области од страна на американската компанија „Chevron“ и грчката „HELLENiQ Energy“.
Скилакакис рече дека е „многу важна разврска во насока на енергетската безбедност на земјата, бидејќи се зајакнуваат напорите да се истражи постоењето на значајни наоѓалишта на природен гас“, што, како што посочи е важно за енергетската транзиција.
- Дополнително, интересот на гигантите во секторот за јаглеводороди, прво на „ExxonMobil“, а сега на „Chevron“, покажува дека нашата земја се развива во атрактивна дестинација за значителни енергетски инвестиции, посочи министерот за животна средина и енергетика на Грција.
Во рамките на одлуката, како што информираа од надлежното Министерство, одобрен е огласот за тендерот што го објави Грчката компанија за управување со јаглеводороди и енергетски ресурси (ЕДЕИЕП), што првично се објавува во Службен весник на Грција, а потоа и во Службен весник на Европската Унија.
Периодот за поднесување на понудата ќе трае 90 дена од датумот на објавување на огласот во Службен весник на Европската Унија. ср/сд/