• понеделник, 23 декември 2024

Мечка опустоши пчеларник во делчевското село Киселица

Мечка опустоши пчеларник во делчевското село Киселица
Делчево, 18 јуни 2021 (МИА) - Мечка опустоши пчеларник во делчевското село Киселица. Штетата се случила врз пчелно семејство кое се наоѓа во Пилифанско маало во атарот на село Киселица, а истата ја потврдија сопственици на пчеларникот, за кој велат дека целиот е уништен.
-Штетата ја регистриравме на 15 јуни, а големиот пустош со сигурност може да потврдиме дека е направен од страна на мечка која трагајки по храна дошла до пчеларникот, кој иако е заштитен со заштитна ограда, успеала да влезе и да ги испреврти кошниците, информираат граѓани на Делчево кои се сопственици на пчеларникот.
Во разговор со членови на Ловното друштво „Острец", напоменаа дека е точно тврдењето за траги од мечка кои се забележани на неколку локации во делчевско. Според нив, се смета дека едната се наоѓа во шумските предели во атарите на селата Селник и Киселица, додека втората мечка ја има во атарот на селата Град, Вирче и Стамер.
Оштетеното семејство упати апел до останатите пчелари да ги заштитат пчеларниците за да не им се случи истата штета, а воедно и да се внимава при движењето во шума, бидејки мечката е позната како диво животно кое напаѓа луѓе.
Имајки предвид дека мечките се трајно заштитени според законот за ловство, граѓаните кои имаа имоти на споменатите локации бараат начин, како да постапат во случај мечката да биде затекната како врши нови несакани дејствија.вс/бт/

Остани поврзан