• вторник, 05 ноември 2024

Мецола: Проширувањето на ЕУ е инвестиција во мирот и безбедноста

Мецола: Проширувањето на ЕУ е инвестиција во мирот и безбедноста

Гранада, 6 октомври 2023 (МИА) - Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола денеска изјави дека проширувањето на Европската унија во новите политички околности е нејзино најмоќно средство и дека тоа е инвестиција во мирот и безбедноста, но дека бара и да се постигне договор за внатрешната реформа на ЕУ што е можно поскоро.

„Проширувањето е најмоќната геополитичка алатка на Унијата. А, особено во оваа нова геостратешка средина, проширената ЕУ заснована на јасни цели, критериуми и заслуги претставува инвестиција во мир, безбедност, стабилност и просперитет на европскиот континент“, рече Мецола во обраќањето на лидерскиот самит на ЕУ во Гранада, Шпанија.

Таа додаде дека тоа е „процес чиј резултат ќе биде од корист за сите учесници“, соопшти Европскиот парламент.

Наведувајќи дека затоа ЕП се залагаше Украина и Молдавија да добијат кандидатски статус за членство во ЕУ, Мецола рече дека овој статус дава силен поттик за напредок во демократските реформи и дека погледот во изминатите 20 години ја илустрира трансформативната моќ на проширувањето.

„Затоа треба да го направиме следниот чекор на крајот на годината, доколку тие земји се подготвени“, додаде Мецола.

Претседателката на ЕП претходно им рече на новинарите дека „тоа што функционира за 27 членови, нема да функционира така за 32, 33, па дури и 35 членови“.

Според неа, првенствено се работи за побрз процес на одлучување, но и за буџетски прашања. „Мора да бидеме подготвени кога кандидатите се подготвени“, посочи Мецола. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан