• понеделник, 23 декември 2024

Мехмедовиќ за МИА: Без паника, не очекуваме повеќе случаи на конго-кримска хеморагична треска во блиска иднина

Мехмедовиќ за МИА: Без паника, не очекуваме повеќе случаи на конго-кримска хеморагична треска во блиска иднина

Скопје, 8 август 2023 (МИА) - Не треба да се крева паника во однос на новата состојба со конго-кримска хеморагична треска, изјави за МИА, портпаролот на Комисијата  за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.

Тој подвлече дека не очекуваат да има повеќе случаи на конго-кримска хеморагична треска во блиска иднина.

- Во однос на тоа каква е состојбата, какви се симптомите, кои се евентуалните компликации, што може да се направи во насока на тоа да се превенира болеста, мислам дека од Институтот за јавно здравје излегоа со информации за тоа. Комисијата за заразни болести апсолутно стои зад сето тоа што е направено од страна на Институтот за јавно здравје, мерките што се преземаат и препораките што се даваат, нагласи тој.

Од она што го виделе, како што додаде тој, првиот случај е случај на директно заразување, а вториот е веројатно на пренесување преку контаминирана крв.

- Не очекуваме да има повеќе случаи, меѓутоа ова не е првпат да се јавува во државава ваков тип на заболување, зборуваме конкретно за конго-кримска хеморагична треска. Дека го имало во минатото – го имало, дека се појавува во регионот – се појавува, дека ќе има вакви инцидентни појавувања – ќе има. Меѓутоа тоа не значи дека сме на раб на избивање на нова епидемија што ќе ги загрози сериозно животот и здравјето, истакна Мехмедовиќ.

Од Министерството за здравство вчера информираа дека по потврдување на случај на конго-кримска хеморагична треска кај жена на 27-годишна возраст, вработено лице на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС), идентификувано како контакт со среден ризик, на деветтиот ден од надзорот, пројавило симптоми. Согласно добиените резултати од страна на ЕПИ Одделот на ИЈЗ, бил утврден позитивен случај на конго-кримска хеморагична треска.

Оттаму појаснија дека пациентот е хоспитализиран на Клиниката, а Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институтот за јавно здравје Скопје, веднаш формирал екипа за теренски увид, „која ги спроведе потребните активности, односно изврши анкетирање на пациентот и ставање под надзор контакти од здравствен ризик со цел спречување од понатамошно ширење на болеста“.

- По потврдување на случај на конго-кримска хеморагична треска кај жена на 27-годишна возраст, надлежните здравствени институции постапија согласно препораките на СЗО. Стручен тим од Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институтот за јавно здравје на Северна Македонија во соработка со надлежни епидемиолози од Центрите за јавно здравје на Штип и Скопје, направија теренско истражување во Клиничка болница Штип, Итна медицинска помош Штип и во семејството на сега почината жена. Стручен тим епидемиолози направија теренски увид и на КИБФС во Скопје, соопштија од Министерството.

Здравствениот надзор трае 14 дена од последниот контакт со пациентот. Контактите од првиот позитивен случај се под надзор до четврток.

Како што се потенцираше во соопштението, „должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со документирани максимум 14 дена“.

- Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи, промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модрици, како и крварење од носот. Закрепнувањето е бавно, пишува во соопштението на Министерството за здравство. бд/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан