• вторник, 05 ноември 2024

Метусела е најстара жива аквариумска риба во светот - „го помни“ и Рузвелт

Метусела е најстара жива аквариумска риба во светот - „го помни“ и Рузвелт

Сан Франциско, 19 септември 2023 (МИА) -  Метусела e најстарата жива аквариумска риба во светот. Се наоѓа во паркот „Голден гејт“, во Аквариумот „Штајнхарт“, во рамките на Академијата на науките во Калифорнија.

Есента 1938 година, САД сè уште заздравуваа од Големата депресија, претседателот Френклин Д. Рузвелт беше во својот втор мандат, а Втората светска војна сè уште не беше почнала... И, со пароброд од Австралија, мала риба - тн. дводишалка (dipneustomorpha) пристигна во својот нов дом во аквариумот во Сан Франциско. Таа и денес е жива.

- Таа е убава, прилично задоволна, среќна риба, вели Бренда Мелтон, одговорна за грижа на животните во аквариумот. - Тука е долго време. Подолго од кого било од нас во аквариумот „Штајнхарт“. Имаме среќа што ја имаме.

Неофицијалната титула за најстара аквариумска риба во светот ја наследи 2017 година, откако „Дедото“ - друга австралиска дводишалка, од аквариумот „Шед“ во Чикаго, САД, угина на 95-годишна возраст.

Но, дури неодамна беше спроведено научно испитување за возраста на Метусела, бидејќи старите методи за тоа се инвазивни и, во најголем дел - изводливи само по смртта. Меѓутоа, користејќи нова техника за датирање со ДНК, австралиските научници испитале примерок од една од нејзините перки. Заклучокот гласи дека таа најверојатно има околу 92 години. Резултатите се официјално објавени денеска.

А пак, аквариумот слави 100 години постоење овој месец.

Рибите дводишалки се примитивни суштества коишто виреат 380 милиони години и се сметаат за најблиски живи роднини на првата риба што излегла од морето. Со други зборови, тие ја претставуваат еволутивната врска меѓу рибите и водоземците. Вработените во „Штајнхарт“ ги нарекуваат „живи фосили“.

Метусела инаку е крстена по библиската личност Метузалем - дедото на Ное, кој живеел 969 години, оти на некој начин таа е навистина древна.  си/

Фото: Јутјуб

Остани поврзан