• понеделник, 24 јуни 2024

Мерц ја повлече изјавата дека ЦДУ се залага за соработка со АфД, на локално ниво

Мерц ја повлече изјавата дека ЦДУ се залага за соработка со АфД, на локално ниво

Берлин, 24 јули 2023 (МИА) - Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц предизвика бројни негативни реакции по неговата изјава дека е можна соработка со десничарската популистичка Алтернатива за Германија на локално ниво, по што тој денеска ја повлече.

„Уште еднаш да појаснам и да нагласам: никогаш не сум тврдел поинаку: одлуката на ЦДУ стои. На локално ниво нема да има соработка меѓу АфД и ЦДУ“, порача Мерц преку Твитер.

Во неделата вечерта, претседателот на најсилната опозициска партија во Германија, Фридрих Мерц, во интервју за јавниот сервис ЗДФ изјави дека соработката со АфД мора да се прави во општините и градовите каде што оваа партија учествува во власта.

-Мораме да ги прифатиме резултатите од демократските избори. И секако, неопходно е да се бараат решенија во локалните парламенти за тоа како да се обликува секојдневниот живот во градовите и областите, рече Мерц за време на интервјуто.

Набргу потоа, тој го потврди својот став од интервјуто на Твитер, зборувајќи за потребата од соработка со АфД, која во последните недели победи на локалните избори во неколку градови и области во источна Германија.

Мерц на тој начин го прекрши декларираниот став на ЦДУ дека никогаш нема да соработува со екстремно десничарските и левичарските партии како што се АфД или Левичарската партија, која влече корени од источногерманската режимска партија СЕД.

Претседателот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), која ја претставува демохристијанската опција во Баварија и која заедно со ЦДУ ја формира Унијата ЦДУ/ЦСУ на сојузно ниво, Маркус Содер се огради од Мерц и на Твитер порача дека ЦСУ „никогаш на ниту едно ниво“ нема да соработува со АфД.

„АфД е антидемократска, екстремно десничарска партија која е за поделби во општеството. Таа не е компатибилна со вредностите на ЦСУ“, рече Содер.

Слично реагираа и колегите на Мерц во партијата, кои ги посочија антидемократските позиции на АфД.

-АфД е позната само по тоа што се спротивставува и отфрла. Каде има простор за соработка? ЦДУ не може и нема да соработува со партија чија главна програма е омраза, поделба и изолација на другите, изјави претседателот на ЦДУ за Берлин и градоначалник на градот-федералната покраина Берлин, Каи Вегнер.

Членот на Претседателството на ЦДУ, Норберт Рентген, посочи дека секој што сака да отстапи од гласаниот став на ЦДУ против АфД мора да го направи тоа со мнозинство на партиската конвенција.

Владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) ја критикуваше изјавата на Мерц, а генералниот секретар на СПД Кевин Кунерт предвидува „битка околу насоките“ во рамките на ЦДУ.

Коментарот на Фридрих Мерц беше остро критикуван од партијата на Зелените, која коалицира со ЦДУ во неколку важни сојузни држави како Северна Рајна-Вестфалија и Баден-Виртемберг.

Претседателот на АфД, Тимо Чрупала, рече дека се појавиле пукнатини во „огнениот ѕид на демохристијанско-зелениот камп“ насочен против АфД.

-Ќе ги урнеме тие ѕидови на локално и федерално ниво во интерес на граѓаните, благосостојбата, слободата и безбедноста, рече Чрупала.

Популарноста на АфД силно расте во последните недели во анкетите на јавното мислење. Според последните анкети од викендот, АфД е во втората најпопуларна партија со 22 отсто поддршка. сд/

Остани поврзан