• петок, 27 февруари 2026

Мемоарите на современата француска херојка Жизел Пелико најпродаваната книга во Франција

Мемоарите на современата француска херојка Жизел Пелико најпродаваната книга во Франција

Париз, 27 февруари 2026 (МИА) - Книгата од француската активистка и писателка Жизел Пелико, со наслов „И радоста на животот“ (Et la joie de vivre), стана најпродаваната книга во Франција. Автобиографското дело беше издадено на 17 февруари и за само една седмица се продаде во над 60.000 примероци, објавија тамошните медиуми.

Книгата, објавена од издавачката куќа „Фламарион“, се најде на првото место на листите за најпродавани книги во земјата. Делото е напишано од Пелико и новинарката Жудит Перињон. Нејзиниот почетен тираж беше 150.000 примероци, од кои 63.574 се продадени во првата седмица. Автобиографијата беше истовремено објавена на 22 јазика, меѓу другите и на англиски, германски и шпански јазик. Солидна е и продажбата во Велика Британија, Германија и Норвешка, соопштија издавачите.

Во својата автобиографија, Пелико, која се движи кон средината на осмата деценија од животот, раскажува за годините исполнети со силувања, што ги изведувал и дозволувал сега веќе осудениот нејзин поранешен сопруг Доминик. Таа, имено, многукратно била дрогирана од него и потоа силувана од десетици мажи.

Откога случајот излезе во јавноста, во Авињон се одржа историско судење против Доминик Пелико и 50 други мажи обвинети за силување на Жизел. Во 2024 година Доминик доби максимални 20 години казна затвор, а другите осудени - меѓу 3 и 15 години затвор.

Сѐ тоа ја претвори Жизел во симбол на борбата против семејното насилство и сексуалното насилство во Франција и во светот.

Жизел Пелико првин ја претстави својата книга во Париз, а потоа отиде на турнеја во странство. Во понеделникот таа беше примена во Лондон од британската сопруга кралица Камила, која истакна дека е шокирана од она што го доживеала Французинката. Како дел од турнејата Пелико ќе ги посети и Германија, Шпанија, Италија, Канада и Њујорк, САД. Во Франција писателката ќе ја претстави својата книга во неколку градови.  си/јт/

Фото: ЕПА.

Остани поврзан