• среда, 18 декември 2024

Медицински работници го повикаа Трамп да објави извештај за неговото здравје

Медицински работници го повикаа Трамп да објави извештај за неговото здравје

Вашингтон, 15 октомври 2024 (МИА) - Повеќе од 230 лекари, медицински сестри и здравствени работници, од кои повеќето ја поддржуваат потпретседателката Камала Харис во претседателската трка во САД, го повикаа поранешниот американски претседател Доналд Трамп да ги објави своите медицински извештаи со порака дека треба да биде транспарентен за неговата здравствена состојба „со оглед на неговата возраст“.

„Трамп значително заостанува зад стандардите за добра кондиција потребни за да биде претседател на Соединетите Американски Држави и покажува алармантни знаци на опаѓање на (менталната) острина. Во ретки прилики кога можеме да го набљудуваме неговото однесување, добиваме длабоко вознемирувачки сознанија (за неговите способности),“ напишаа 238-те потписници на писмото од 13 октомври, пренесува Си-Би-Ес-Њуз.

Лекарите и медицинските сестри посочуваат дека претседателските кандидати традиционално ги објавуваат своите медицински извештаи, вклучувајќи го и сенаторот од Аризона Џон Мекејн, кој го стори тоа за време на неговата претседателска кампања во 2008 година.

Писмото е упатено до Трамп и американската јавност во момент кога Харис врши притисок врз Трамп да ги објави своите медицински извештаи, а нејзината кампања инсистира на тоа дека разликата во години на кандидатот е значајна тема.

Во изборната трка во 2020 година против претседателот Бајден, Трамп веќе во јуни ги објави резултатите од неговиот медицински преглед. Доналд Трамп има 78 години, а Камала Харис во недела полни 60 години. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан